Угостителите ќе имаат една година да ги преуредат локалите за Законот за пушење – власта тврди дека нема да има повластени
Предлог-законот за пушење или попрецизно, за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи, во вторник треба да се разгледа на владина седница и се очекува во најбрз можен рок, да помине и во Собранието. На завршниот состанок со претставниците од тутунската индустрија и угостителскиот сектор, премиерот Христијан Мицкоски кажа деа законот ќе стапи во сила веднаш, освен одредбата согласно која угостителите треба да ги преадаптираат и пренаменат своите локали. За оваа одредба се предвидени 12 месеци грејс период.
Препорачано
Мицкоски нагласи дека предложениот текст е компромисно решение, изготвено низ инклузивен процес, со консултации на сите засегнати страни – здруженијата, производителите, дистрибутерите, хотелиерите, луѓето кои имаат свои ресторани, ноќни клубови…
Со новиот закон се забранува рекламирање и промоција на тутунски производи
И претставниците на бизнис секторот потврдија дека законот се креираше со партнерски пристап. Воедно искажаа благодарност за разбирањето од страна на Владата – да им се овозможи период од една година за соодветно да ги преуредат терасите во објектите.
Законот, како што беше нагласено на состанокот, ја затвора сивата зона за терасите – воведува прецизни и спроведливи критериуми како треба да бидат адаптирани кога станува збор за пушењето. Предвидува и строги, ригорозни контроли за евентуално непочитување на неговото спроведување.
-Од самиот почеток ја искажавме нашата поддршка во носењето на законот за забрана од пушење во неговата крајна цел, а тоа е заштита на јавното здравје. Во оваа прилика сакам да искажам благодарност до премиерот и Владата, како и до министерот за здравство за инклузивниот и партнерски пристап во самото креирање на законот, како и за фазната имплементација, односно за т.н. едногодишен грејс период во кој ние, како угостителски сектор, ќе имаме можност да ги преадаптираме нашите тераси согласно новите законски решенија, со цел нашиот сектор да претрпи колку што е можно помали економски последици, истакна Перица Голомеиќ од Туристичко угостителската комора при Сојузот на стопански комори.
Мицкоски и министерот за здравство Азир Алиу порачаа пред еснафот дека очекуваат доследна примена на законот по неговото донесување и апелираа дека нема да има повластени.
-Ако некој мисли дека ќе биде повластен, па бил близок со овој, оној, па нема да го почитува законот, па него немало да го фатат и слично, се лаже. Можете еднаш да поминете неказнети, ако не ве фатиме, па дури и вторпат, но третпат сигурно ќе бидете фатени и ќе бидете санкционирани, потенцира Мицкоски.
Алиу се осврна на казните, со напомена дека се воспоставува функционален надзор.
-Наместо неколку органи со недоволно јасна поделба на надлежностите, новиот текст предвидува 14 надзорни органи со прецизно разграничени надлежности. Ова е важно зашто законот мора да биде не само добро напишан, туку и спроведлив на терен, подвлече Алиу.


