Туристка тужeла луксузен хотел во Италија затоа што ѝ наплатил 7 евра за вода
Туристка одлучила да тужи луксузен хотел затоа што одбиле да ѝ послужат бесплатна вода од чешма. Гостинката побарала обична вода на вечерата, но персоналот на хотелот во Јужен Тирол, Италија одбил и наместо тоа ѝ наплатил седум евра за вода од шише.
Препорачано
По години судски спорови, италијанскиот Врховен суд донесе конечна одлука на крајот на април, објавува италијанскиот портал „Кориере алто адиџе“.
Случајот беше против познатиот хотел „Сасонгер“ во Корвара во Бадија, еден од најпознатите во италијанските Доломити. Туристката престојувала таму за време на божиќните и новогодишните празници на преминот од 2019 до 2020 година. Таа платила повеќе од 5.700 евра за еднонеделен одмор со полупансион, но пијалаците не биле вклучени во цената.
За време на вечерата, жената редовно барала вода од чешма, но персоналот на хотелот одбивал. Наместо тоа, тие донеле само флаширана минерална вода на нејзината маса во шише од 0,75 литри по цена од седум евра.
Незадоволната гостинка прво поднесе тужба до судот во Рим, а откако изгуби, се жалеше на повисоки инстанци, па сè до Врховниот суд. Во тужбата, таа тврдеше дека ѝ е одземено фундаментално право бидејќи „водата е природно добро и универзално човеково право“ и дека на секој гостин треба да му се гарантира обезбедување минимална количина вода за пиење.
Таа, исто така, изјави дека верува оти водата од чешма треба да биде дел од стандардната хотелска услуга, исто како кревет со постелнина, греење или сапун во бањата. Поради претрпената финансиска штета и емоционален стрес, таа побарала отштета од приближно 2.700 евра.
Сепак, сите судови, вклучително и Врховниот суд, пресудија во корист на хотелот. Во своето образложение, Врховниот суд заклучи дека не постои закон што ги обврзува угостителските објекти да служат вода од чешма. Тие, исто така, наведоа дека гостинот секогаш може сам да си обезбеди вода за пиење ако не сака да купи вода од шише.
Судот, исто така, пресуди дека нема прекршување на договорот бидејќи хотелскиот пакет е доставен во согласност со понудата што ја резервирал гостинот.
Адвокатот на хотелот, Силвио Беларди, рече дека пресудата потврдува дека хотелите не се обврзани да им служат вода од чешма на своите гости.
– Никој не им забранува на гостите сами да ја користат водата што ја сакаат. Некои хотели одлучуваат да служат само флаширана вода за да избегнат можни проблеми поврзани со водата од чешма – рекол Беларди.


