Црн Петок - попусти / Фото: Слободен Печат / Драган Митрески

Трикови како да го надмудрите „Црниот петок“ и навистина да заштедите пари

Црниот петок (Black Friday) годинава паѓа на 28 ноември – ден кој ветува огромни попусти и специјални акции. Но, ако не сакате по распродажбите да се чувствувате како жртва на маркетинг манипулација, важно е добро да се подготвите.

Трговците имаат многу стратегии за да ве наведат да трошите повеќе, па затоа е корисно и вие да имате свои „одбранбени“ трикови – само за да не го испразните паричникот поради „неодоливи“ попусти.

Одлучете што навистина ви треба

Ако храбро тргнувате во потрага по попусти, било онлајн или во продавници, направете листа со производи кои навистина ви се потребни и обидете се да избегнете импулсивни купувања. На секој продавач целта му е да ви ги турне најпривлечните понуди пред очи со надеж дека ќе потрошите повеќе. А многумина од нас тешко одолеваат на знак за 50% попуст – дури и кога станува збор за нешто што воопшто не ни треба, советува „Гардијан“.

Запомнете го најважното правило:
Ако нешто не сте сакале пред да го видите на попуст – не сте заштедиле 50%, туку сте потрошиле 100% повеќе од планираното.

Одредете буџет и држете се до него

Со примамливи попусти од сите страни, лесно е да се претера. Затоа однапред пресметајте колку можете да си дозволите да потрошите. Можете да бидете малку флексибилни ако купувате божиќни подароци, но немојте да измислувате изговори за да купите нешто „само затоа што е ефтино“. Често, на крајот не е.

Следете ги омилените брендови на социјалните мрежи

Ако се надевате на конкретни брендови или производи за Црниот петок, исплатливо е да ги следите однапред.
Освен што први ќе дознаете за големите попусти, можно е да добиете и:

ексклузивни кодови за попуст, ваучери, понуди само за следбеници.

Дополнително, ќе можете да ги следите цените пред и за време на Црниот петок, па полесно ќе процените дали попустот е вистински.

Размислете зошто нешто е намалено

Распродажбите за Црниот петок може да бидат збунувачки – ограничено време, мала залиха и притисок да се реагира брзо. Продавниците добро знаат дека луѓето стравуваат да не ја пропуштат „понудата на годината“.

Но запрашајте се:
Зошто овој производ е толку намален?
Можеби има премногу залиха, не се продавал добро, излегува подобар, понов модел. Секогаш е паметно да проверите.

Прегледајте ги рецензиите – особено оние со една ѕвезда

Фактот што не сте чуле за некој бренд не значи дека производот е лош. Понекогаш понеатрактивните брендови нудат производи со ист квалитет, а по многу пониска цена.

Но задолжително прочитајте рецензии, особено оние негативните. Ако често се повторуваат исти забелешки или разочарување – подобро избегнете ја куповината, без разлика на попустот.

Проверете дали навистина е намалено

Дури и кога ви треба производот, рецензиите се добри и не гледате причина за сомнеж, поставете го најважното прашање:
Дали ова навистина е попуст?

Многу трговци ги покачуваат цените пред Црниот петок само за да прикажат „поголемо“ намалување.

Постојат бесплатни онлајн алатки кои покажуваат историја на цени. На пример, за Amazon често се користи CamelCamelCamel – таму можете да внесете код на производот и да видите графикон на цените во минатото. Така ќе знаете дали станува збор за вистинска шанса или за маркетинг трик.

Држете се до проверени продавници

Црниот петок за жал е и омилен за онлајн измамници. Во брзање да ја зграпчат добрата понуда, луѓето некогаш внесуваат податоци за картичка без добро да проверат на кој сајт се наоѓаат.

Затоа купувајте од продавници кои ги познавате, проверете дали страницата е официјална, внимавајте на сомнителни линкови од реклами и објави.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот