Трговци Македонци се побунија во Корча, велат дека општината поставува невозможни услови
Трговците од Македонскиот пазар во Kорча денеска реагирале против контролите и казните што им ги изрекла општината поради непочитување на новите правила за поставување на тендите во пазарот. На терен излегле инспектори и припадници на општинската полиција, кои им изрекле административни мерки за трговците што не ја спровеле наредбата за отстранување или усогласување на тендите, пренесува весникот „Илинден“.
Препорачано
Трговците изразија револт, наведувајќи дека казните од 50 илјади леки (околу 520 евра) се неподносливи во услови на економски тешкотии и здравствени проблеми. Според нив, со години се соочуваат со постојани барања од Општината за начинот на уредување на пазарот. Велат дека прво им било побарано да ги отстранат лимените конструкции, потоа да постават тенди, а сега се бара тие да бидат изработени според одреден проект и во црвена боја.
Трговците тврдат дека трошоците за ангажирање архитекти и реализација на проектите се преголеми, па бараат Општината да го преземе инвестирањето доколку има конкретни стандарди за изгледот на пазарот.
Еден од трговците изјави дека бил казнет не само за тендата, туку и за изложување на стока надвор од дозволениот простор, додавајќи дека во моментот не успеал ниту целосно да го разбере записникот за казната.
Поради зголеменото незадоволство, трговците предупредуваат дека ситуацијата може да доведе до затворање на нивните бизниси и бараат дијалог и решение од локалните институции.


