Носачи на авиони Фото: Профимедиа

Третиот американски носач на авиони пристигна на Блискиот Исток

Американската војска денес објави дека трет носач на авиони пристигнал на Блискиот Исток во услови на кревко примирје со Иран.

Централната команда на американската војска (ЦЕНТКОМ) објави фотографија од платформата X на која се гледа бродот „УСС Џорџ Х.В. Буш“ како плови во Индискиот Океан, во зоната на одговорност на Централната команда, пренесува Танјуг.

Според американскиот поморски институт, уште два носачи на авиони, „УСС Џералд Р. Форд“ и „УСС Абрахам Линколн“, се стационирани во Црвеното Море односно во Арапското Море.

Инаку, прекинот на огнот во конфликтот меѓу САД и Иран е привремено продолжен, но иднината на примирјето останува неизвесна. Според американски медиуми, претседателот Доналд Трамп наводно му дал на Техеран само неколку дена за да предложи решение за деескалација и можен крај на судирот.

Извештаи објавени од „Аксиос“ и „Фокс њуз“, повикувајќи се на извори од Белата куќа, наведуваат дека Трамп бил подготвен да го продолжи примирјето за уште три до пет дена. Во тој период, Иран би требало да се согласи околу заеднички предлог за смирување на тензиите.

Сепак, од Белата куќа нема официјална потврда за конкретен рок. Трамп во интервју изјави дека „нема временска рамка“ и дека неговата администрација е фокусирана на постигнување поволен исход, а не на брзо решение.

Последните обиди за посредување, вклучително и оние со поддршка на Пакистан, не дадоа резултат, а двете страни меѓусебно се обвинуваат за прекршување на договорениот прекин на огнот. Ситуацијата на терен останува напната, додека дипломатските напори продолжуваат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот