Тренерот Гарсија Плаза го „советува“ Трајковски да си замине од Мајорка
Денеска во рамките од второто коло во најсилната шпанска „Ла Лига“ екипата на Мајорка славеше со 0:1 на гостувањето кај Алавес.
Препорачано
И на овој дуел во составот на тренерот Луис Гарсија Плаза не беше македонскиот репрезентативец Александар Трајковски. Нашиот напаѓач иако има договор со Мајорка до 30 јуни 2023 година, можно е наскоро да се раздели со клубот.
Во првата сезона (2019/20) во „Ла Лига“ имаше 14 настапи, ниту еден погодок, а и ланската сезона, но во „Сегунда“, не се запиша во листата на стрелците од девет настапи.
Евидентно е дека 28-годишниот Трајковски не добиваше голема минутажа во изминатите две години, а и во шансите кои ги имаше не покажа никаков учинок на погодоци во споменатите првенства.
И оттука најверојатно доаѓа и незадоволството во стручниот штаб на Мајорка, а тренерот Гарсија Плаза за шпанските медиуми изјави Македонецот му е последна опција во нападот и го советува да си замине.
– Знаете тој ќе биде мојата последна опција, последниот од напаѓачите. Фудбалер мора да биде среќен и најде клуб каде што ќе игра и придонесе – вели тренерот на Мајорка, Гарсија Плаза.


