„Трејнспотинг“ ќе добие нова адаптација на сцената како мјузикл
Беше книга, претстава и филм. Сега, дебитантскиот роман на Ирвин Велш од 1993 година, „Трејнспотинг“ (Trainspotting), ќе биде и мјузикл, објави „Гардијан“.
Препорачано
Премиерата на мјузиклот „Трејнспотинг“, кој ќе се одржи во Кралскиот театар Хејмаркет во Лондон во јули, ќе биде адаптиран од авторот со оригинален сет песни, плус други што беа употребени во познатиот филм на Дени Бојл.
„Не беше книга која очигледно ќе доживееше успех. И не беше најочигледната филмска или театарска претстава што ќе биде успешна. Ги надмина очекувањата, особено моите“, вели Велш.

Иако приказната за четворица пријатели кои ги измамуваат туристите и земаат хероин во темните денови на кризата со споделување игли во Единбург не звучи како материјал за претстава во Вест Енд, романописецот посочува на сериозната содржина на успешни мјузикли како што се „Приказна од Западната страна“ (West Side Story), „Оливер!“ (Oliver!) и „Изнајмување“ (Rent).
„Има толку многу претстави во Вест Енд кои се или театарски претстави со музика површно вметната или носталгични парчиња со неповрзана музика од времето. Единствениот начин на кој би можел да видам музичко дело од ‘Трејнспотинг’ е ако можеме да напишеме свои песни што ќе го придвижат како вистинско дело на музички театар“, објаснува авторот.
Овој проект стана можен кога Велш формираше музичко партнерство со Стивен Мекгинис. Двојката издаде придружен албум со соул и диско музика за романот на Велш од 2025 година „Мажи во љубов“ (Men in Love) и тие сметаат дека би можеле да истражат сличен опсег на жанрови во „Трејнспотинг“. Тие ќе соработуваат на музиката и текстот.
Мјузиклот ќе содржи и избрани песни од саундтракот на филмот: правата сè уште се преговараат, но Велш призна дека би се чувствувало чудно ако не ја вклучи „Lust for Life“ од Иги Поп.
Тој рече дека не е голем љубител на мјузикли, но има свои слабости. Како свој омилен мјузикл го истакна „Бел Божиќ“ (White Christmas), кој го гледал секој Божиќ во последните 50 години.
„Мјузиклот Трејнспотинг“ (Trainspotting the Musical) ќе содржи неколку нови ликови, како и контекстуализирачки материјал од „Скагбојс“ (Skagboys), неговото ретропродолжение од 2012 година.
Со своето деби во Вест Енд, 26-годишниот Роби Скот ќе го игра Рентон, улога што првпат ја играше на сцената Евен Бремнер во 1994 година, а на екранот Еван Мекгрегор две години подоцна.
Режисерката на претставата, Каролин Џеј Ренџер, соработувала со Стив Куган, Тим Минчин, Хари Енфилд и Џон Клиз, а нејзината продукција на мјузиклот „Сплетки“ (Only Fools and Horses) беше најдолгогодишната претстава на Кралскиот театар Хејмаркет.
„Таа го има целиот пакет. Jа разбира драмата, поранешна танчерка е, па го разбира движењето и, пред сè, го разбира хуморот. Ако им даваме на луѓето темен материјал, мора да ги натерате да се смеат до солзи“, вели Велш.
Она што се издвои во 1994 година кога режисерот Хари Гибсон ја донесе својата адаптација на „Трејнспотинг“ на сцената беше свирепоста на јазикот на авторот, претежно извлечен директно од страницата. Последователните адаптации, како што е импресивниот „Трејнспотинг во живо“, го потврдија тоа.
Велш рече дека истото важи и денес.
„Има вистинска дрскост и енергија во начинот на кој актерите се спротивставуваат едни на други. Навистина едвај чекам публиката да го види мјузиклот“, додава Велш.
Премиерата на мјузиклот ќе биде на 15 јули.


