Траор во семејството Мемиши: Хуманитарецот Али собираше донации за нашето бебе кое почина, не сме сигурни дека ни ги даде сите!

Се случува ли мега скандал со злоупотреба на донации, или некој сака да го оцрни името на Али Февзи, човекот што неодамна беше избран за маж на годината поради неговата ангажираност во помагањето на семејствата кои доживеале несреќи и се социјално ранливи?!

Ова прашање го наметна семејството Мемиши од Шутка, кое обвинува за злоупотреба на нивната семејна трагедија, во која почина нивната неколкумесечна ќерка Медина. На денот кога го закопале нивното петмесечно бебе Медина, за кое хумани граѓани уплаќале пари на сметка претставена како сметка за донации, освен тоа што се ожалостени, поминуваат и низ финансиски перипетии. Медина се оперирала во Турција, за жал неуспешно и бебето починало.

Трошокот за патот и престојот го покрил Фондот за здравствено осигурување, односно државата, но сепак донации се собирале за пасош на бебето и за партиципација и тоа на приватна сметка на хуманитарецот Али Февзи.

ФОТО: Пендаровски го прими хуманитарецот Али Февзи

Многу ми е срам што веќе на болно и починато дете за ова зборувам. Меѓутоа, јас немав трансакциска сметка и Али ја објави неговата за да се собираат пари за нашето бебе, Медина, која за жал откако ја однесовме во Турција, почина на операцијата. За операцијата и патот, средствата ги покри Фондот. Побаравме Aли да ни ги покаже изводите од трансакциската сметка за да видиме кој се донирал и колку, меѓутоа, ни рече дека шифрите биле тајни податоци и дека не може да добиеме такви изводи, но и дека не пристигнале голем број донации. А ние знаеме за над 300 фунти кои биле донирани само од едно лице од странство. Бараме сите пари што легнале на таа сметка да ни се дадат, односно да отидат за намената, зашто сакаме да направиме споменик за бебето, имаме многу муслимански обичаи исто така, споменик може да се направи и после 8 дена. Добивме дојава дека ако престанеме да се буниме, ќе ни дадат 200 евра, не уценуваат, изјави за ,,Слободен печат” Клаудија Мемиши, мајка на починатото бебе за кое се собирале донации.

Проблемот е во тоа што, како што тврдат мајката и таткото на бебето, не се сигурни дека донираните пари за нивното бебе биле собирани законски и правилно. Се плашат дека имало многу повеќе донации отколку што Али Февзи им кажал, а се жалат и дека не можат да добијат увид во изводите од банкарската сметка на која легнувале приливите, зашто станува збор за приватна трансакциска сметка на физичко лице, а не за сметка на здружение.

Февзи пак, за ,,Слободен печат” комплетно ги негира обвинувањата и е комплетно разочаран што неговата хуманост е злоупотребена.

Хуманата мисија на Али Февзи: За 4 месеци има помогнато на 500 семејства, најмногу со свои пари (ВИДЕО)

-Од тие пари што беа легнати на сметката, го извадив пасошот за 4.700 денари во брза постапка. Плативме 12.300 денари за партиципација, купивме храна, цигари, сокче, благодарна беше. И погребот ние го плативме, една жена извади пари од џеб јас треба да и се раздолжам сега. А кој сака да ме клевети и да ме тужи може слободно. Јас кон Господ направив што направив. Кога станав маж на годината, овие ситни луѓе почнаа да ме кудат. Тие бараа самите јас да ја споделам мојата сметка за донации. Мајката беше во болница. Сакав да успее операцијата. Точно е дека јас не сум организација туку физичко лице. Јас сум обичен бербер. Сакаат да ме направат коцкар и измамник но јас никого не оставив на улица. По сите работи што ги направив битни им се парите, а не дали детето почина или не. Ова ми беше големо искуство. Јас како физичко лице на никого не сум му ставил пиштол на чело да му кажам донирајте. Вчера му се јавив на семејството дека утре ќе одам да им ги покажам изводите од банкарската сметка, сите пари што се донирани се дадени, изјави Февзи за ,,Слободен печат”.

Тој додава дека поседува докази дека платил и 17.000 денари за погребот на малечката. Проблем настанал и кога на Фејсбук била објавена фотографија од погребот за што семејството не дало дозвола и ја протолкувале како себепромоција за уште повеќе донации.

-Таа фотографија не сум ја објавил јас, туку друго лице, кое што самото потврди дека ме виде како од свои пари го плаќам погребот. Направил грешка што го објавил ковчегот но јас кога видов веднаш беше избришана фотографијата бидејќи реагирав. Има и една донација стигната од Англија која што е за погребот, но не е уште префрлена кај нас. Од оваа донација ќе се раздолжам таму каде што позајмив пари за покривање на погребот. Тие што ме критикуваат се сите од хуманитарни организации што се наоѓаат загрозени што ја добив наградата за маж на годината и сакаат да ме оцрнат, вели Февзи.

ВИДЕО: Скопскиот бербер Али доби награда за маж на годината, но размислува да се откаже од хуманитарната работа

Мајката на починатото бебе пак, тврди дека многу луѓе и кажале дека дале донации, дека тие легнале на сметката што била јавно споделувана и дека не може да знае со сигурност, односно дека се сомнева оти финансиите не се транспарентно врачени онаму за каде што требало да бидат наменети.

-Ми вели не можам да ти пратам докази, зашто таму има броеви на банкарски сметки од донаторите. Па од каде да знаеме кој за што донирал таму, кога се оди на иста сметка, прашува мајката. Нејзиниот сопруг пак, додава дека не е сигурен дека трансакциската сметка што била објавувана за донации е всушност на регистрирано здружение, туку дека е лична и бара истражните органи, меѓу кои Министерството за внатрешни работи и Управата за јавни приходи да истражат дали донациите што легнале таму биле законски прибавени.

Проблем со донациите на сметката на Али се случиле и кога на семејство од Пинтија му изгорел дел од куќата во пожар и тогаш се собирале пари на таа трансакциска сметка.

Семејството за ,,Слободен печат” тврди дека добиле само 20.000 денари на рака, а ветувањата кои Февзи им ги дал дека ќе дојде градежна фирма се изјаловиле, што многу го пролонгирало реновирањето на куќата и ги ставило во незавидна позиција. На крајот свештено лице донело градежни материјали како донација, а самата фамилија го поправила опожарениот дел од куќата.

-На рака ми даде 20.000 денари и не видов никакви изводи од банкарска сметка не знам ни колку донации имало ни ништо. Знам само дека во населбата децата за два часа собраа 8.000 денари одејќи од врата на врата во една картонска кутија. Ние поради тоа што го чекавме Али со ветената помош повеќе пати одбивавме луѓе кои навистина можеа да ни помогнат, за да не земеме двојни доцнации. На крајот отец Оливер ни донесе гипс табли, цемент и практично тој ни помогна да се направи куќата, рече Бајрам Али, чиј што син снаа и внуци живееле во куќата.

Хуманитарецот Февзи ова не го негираше, но рече дека ситуацијата се случила поради непредвидена сообраќајна незгода.

-За овој случај на сметката легнаа 20.000 денари и навистина имаше само толку пари. Јас викнав и телевизија да направи прилог за таа куќа за да се направи поголем импакт да се соберат донации. И пак јас сум тој лошиот. Им ветив дека ќе им се направи куќата, но газдата на градежната фирма направи сообраќајка и тоа што сум им го ветил нив, ќе го направам за друго семејство. Некои работи не вредело да се прават. Јас од душа помогнав, вели Февзи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот