Трамп: Украинците се неблагодарни, Европа продолжува да купува руска нафта
Американскиот претседател се огласи на социјалната мрежа Truth Social додека високи функционери од Соединетите Американски Држави, Украина и советниците за национална безбедност на Франција, Велика Британија и Германија разговараат за нацрт-планот на САД за завршување на војната во Украина во Женева, јавува Би-би-си.
Препорачано
„Војната меѓу Русија и Украина е насилна и ужасна војна која, со силно и вистинско американско и украинско лидерство, никоваш немаше да се случи. Започна долго пред да го земам мојот втор мандат, за време на администрацијата на Заспаниот Џо Бајден, и само се влоши. Доколку претседателските избори во 2020 година не беа наместени и украдени, единственото нешто во што радикалните левичарски демократи се добри, немаше да има војна меѓу Украина и Русија, бидејќи немаше никаква, дури ни споменување, за време на мојот прв мандат. Путин никогаш немаше да нападне! Дури откако го виде Заспаниот Џо во акција, рече: „Сега е мојата шанса!“. Останатото е историја и така продолжува“, напиша Трамп.
Расипаниот Џо го даде сè бесплатно, бесплатно, бесплатно“
„Наследив војна која никогаш не требаше да се случи, војна во која сите губат, особено милионите луѓе кои загинаа толку непотребно. Украинското „раководство“ не изрази никаква благодарност за нашите напори, а Европа продолжува да купува нафта од Русија – истакнува Трамп.
САД продолжуваат да продаваат огромни количини оружје на НАТО за дистрибуција во Украина (корумпираниот Џо го даде сè — бесплатно, бесплатно, бесплатно). Бог да ги благослови сите животи изгубени во човечката катастрофа“, додаде тој.
Што предвидува планот на Трамп?
За потсетување е дека претходно оваа недела беше објавен планот на Трамп за завршување на војната во Украина.
Покрај територијалните отстапки од Украина, во документот се наведува дека во случај на понатамошно руско напредување би следел „решавачки координиран воен одговор“. Не е наведено каква улога би играле САД во таков одговор.
Планот има и економски елементи: дел од замрзнатите руски средства би биле искористени за обнова на Украина, санкциите против Русија би биле укинати, а САД и Русија би соработувале во области како вештачката интелигенција и долгорочната експлоатација на минерали. Во рамките на планот, Русија би се вратила и во Г8.
Сите страни би добиле амнестија за дејствија за време на војната, што значи дека руските функционери и војници не би можеле да бидат гонети за воени злосторства. Планот, исто така, предвидува Украина да организира избори во рок од 100 дена од потпишувањето на договорот. Зеленски во септември нагласи дека избори ќе има по воспоставувањето на прекин на огнот.
Американската страна врши притисок врз Украина да постигне договор во краток рок. Иако планот содржи предлози што Украина досега постојано ги отфрлаше, претседателот Володимир Зеленски не ја исклучува можноста за дискусија.
Рок до четврток
Трамп претходно потврди дека неговата администрација поставила рок до следниот четврток за Украина да се согласи со планот.
„Имав многу рокови, но ако работите одат добро, имате тенденција да ги поместувате. Но, четврток е крајниот рок“, изјави тој за радио „Фокс њуз“.
Вчера додаде дека сегашниот мировен план не е конечен. На прашањето на новинарите пред Белата куќа дали планот од 28 точки е неговата последна понуда, Трамп беше јасен: „Не, ни блиску“.


