Трагедија во Тетово: За една недела, четворица членови од исто семејство починаа од ковид – се заразиле на свадба

Погреб. / Фото: EPA-EFE/Gustavo Amador
Четворица членови од исто семејство починале во домашни услови, потврди за Слободен печат доктор Миранда Пајазити од тетовскиот ковид центар.

Сите четворица пациенти биле од исто семејство и присуствувале на свадбена прослава, а починале во период од една недела.

Сега е пандемија. Насекаде треба да има аларм за негрупирање и дистанца. Кај нас тие мерки не се почитуваат и за жал имаме многу голем број починати. Повеќето се со слаб имунитет и сè е генетика. Во домашни услови, неделава имаме четворица починати од исто семејство. Тие се заразиле на свадба, и за жал починаа. Лицата се од една фамилија, живееле во две куќи една до друга и постојано биле во контакт. Кога се зема целата фамилијарна анамнеза, се гледа дека имаат наследни болести и слаба генетика. Ќерката имала 36 години и обезитет, а мајката и таткото биле со карцином и кардиомиопатија. Во Тетово имаме многу починати во домашни услови, сите невакцинирани. Имаме и семејства каде имале многу тешка клиничка слика, па излегле со добри резултати од болница. Граѓаните не се чуваат, имаат слаб имунитет и повеќето се невакцинирани. Седат во групи, не носат маски, а не се вакцинирани, ни изјави доктор Пајазити.

Според неа, делта варијантата на ковид е многу распространета и лесно се шири, а причината што толку млади пациенти завршуваат фатално е слабиот имунитет и тоа што не се вакцинирани.

Делта варијантата е посилна и за разлика од претходната варијанта, каде еден заразен можеше да зарази максимум тројца, сега еден може да зарази деветмина, вели докторката.

Во тетовскиот ковид центар, на неколку часа била третирана и најмладата пациентка во земјава која почина вчера на 15 годишна возраст. За неа од болницата ни кажаа дека била донесена во исклучително тешка состојба, со пневмонија а лекувањето го отежнувало и тоа што имала прекумерна телесна тежина, поради што решиле да ја препратат на Инфективната клиника во Скопје. Но и таму и покрај сите администрирани лекови, лекарите не успеаја да се изборат за нејзиниот живот. Еден ден претходно, во тетовската болница од ковид починала и нејзината мајка.

МЗ: На Клиниката за инфективни болести почина 15-годишна пациентка

Во ковид центарот во Тетово изминатата ноќ починале двајца пациенти. Хоспитализирани се 108 лица, а имало 146 амбулантски прегледи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот