Традиционално бадникување пред Соборниот храм во Скопје (ВИДЕО)
Рождеството на Спасителот, Раѓањето на Бога како човек, посочи, е најголемото и неповторливото чудо во историјата на светот и човекот, рече архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан..
Православните верници во државава денеска го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божиќ. Традиционално скопското бадникување се одржа пред платото на Соборниот храм „Св. Климент Охридски”, во организација на Здружението на граѓани Одбор за прослава на Бадник.
Publiée par MИА.mk sur Lundi 6 janvier 2020
Одбележувањето на Бадник почна со бадниковата химна, што ја исполни Силви бенд и со кревање на бадниковото знаме.
Пред Соборниот храм пристигна и детска бадникова поворка предводена од македонските музички ѕвезди. Освен во Скопје и во 39 градови во државава денеска се организираа детски бадникови поворки како предвесник на утрешниот празник Рождеството Христово – Божик.
Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан пред олтарот во Соборниот храм им се обрати на скопјани и на сите добронамерници. Рождеството на Спасителот, Раѓањето на Бога како човек, посочи, е најголемото и неповторливото чудо во историјата на светот и човекот.
– Тоа е единственото ново под Сонцето. Ете тој спасоносен настан длабоко е присутен во животот на нашиот народ. Знаел и знае нашиот верен народ да го дочекува, да го празнува и да живее со Божик со празникот на радоста. Знаел и знае нашиот побожен народ да се подготвува и да се радува духовно и на молитвата и со коледарите и со бадникарите. Знаел дека радувајќи се со сите за празникот се радува во Господа и за Господа. Овде во Соборниот храм, како и во сите наши храмови на овој ден се бдеее и бдеејќи се очекува спасоносниот миг на Христовото Рождество. Еве и оваа година дочекавме коледарско и бадниково чествување како подготовка за Божик и како што доликува и како што треба со молитва и благодарност пред Бога со кум и со народ и со заедничка желба за мир и разбирање, за љубов и единство меѓу нашиот народ и со сите луѓе на добра волја – додаде г.г. Стефан и на граѓаните им го честиташе Бадник и Божик.
Бадникарскиот кум Антони Пешев изрази голема благодарност што денеска ја има честа да биде кум.
– Традицијата што денеска ја чествуваме е една од најиспосните традиции на нашиот народ. Како традиција секогаш била тука кога и на народот му било најтешко. Да се почитува традиција е многу благодорна работа, но да се гради традиција е уште поблагодарна работа. Кога една традиција ќе доживее ваква историја, како нашата, повеќе од четврт век, повеќе не е само традиција, таа станува дел од народот. Живееме во свет во кој му треба нешто што е посилно од индивидуалното, а тоа може да го направиме само со вакви случувања. Нација без традиција не е нација. Многу е важно што денеска сме во ваков број. Горд сум што сум дел од овој народ – посочи Пешев.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов рече дека ова е период од годината кога се вртиме едни кон други, кога треба да ја делиме меѓусебната добрина и љубов.
– Да имаме мир, да имаме спокој, да имаме љубов кон сите знајни и незнајни, бидејќи само така ќе живееме и во поубав град и во поубава држава. Од секој од нас зависи тоа што го носиме во нашите души ако го пренесеме на другите луѓе, ако тоа е љубов и добрина, ја примаме љубовта и добрината – додаде Шилегов и го честиташе Бадник и Божик.
Изрази благодарност до традиционалната организација на бадникаровата поворка, со која, како што посочи, се создава нова традиција во Скопје и се почитува традицијата што останала од нашите стари.
На традиционалното бадникување пред Соборниот храм присуствуваше и градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.
Здравичарот Климе Коробар истакна дека новогодишните и божиќните празници носат еден нов посакуван почеток во кој мора да зачекориме кон подобро утре.
– Нека Новата 2020 година и Божик донесат просперитетна Република Македонија. Нека сите граѓани тука и во странство без оглед на верски и партиски определби живеат во среќа, меѓусебно разбирање, здравје и благосостојба – додаде Коробар.
Минатогодишниот кум Љупче Николовски му го предаде ќупот на градоначалникот Шилегов, кој потоа му го врачи на новиот кум бадникар за годинава, Пешев. Беше кршена погача со паричка, а новиот кум бадникар заедно со ќупот и семејството со пајтон, симболот на старо Скопје, замина од пред платото на Соборниот храм.