Тони Лазов член на ШК „Алкалоид“ со сребрен медал на втората табла на Шаховската oлимпијада во Будимпешта
ИМ Тони Лазов донесе сребрен медал за Македонија на втората табла на 45 Шаховска oлимпијада во Будимпешта, Унгарија. До овој фантастичен перформанс актуелниот шампион на Македонија стигна освојувајќи 7,5 поени од 8 одиграни партии.
Препорачано
Единственото реми младиот член на Шаховскиот клуб Алкалоид го одигра против ВМ Ван Форест Јорден 2696 од Холандија. За одбележување се и големите победи против ВМ Јаник Пелетие 2526 и ВМ Пиорун Кацпер 2599. Одличниот настап, на петтата Шаховска олимпијада во неговата кариера, Лазов го заокружи со победата во 10 коло против ИМ Баи Аделард 2378 од Тајван.
По бронзениот медал на Трајко Недев во 1996 година во Ереван, златниот медал на Драгољуб Јаќимовиќ во 2000 година во Истанбул и среброто на Владимир Георгиев од 2004 година во Калвија, ова е четврти пат еден македонски репрезентативец да се закити со медал на најголемото шаховско натпреварување. Членот на женската екипа на Алкалоид, ЖФМ Весна Секуловска е носител на сребрен медал од Европското екипно првенство во Пловдив во 2003 година.
– Честитки за Тони, му посакуваме успех и понатаму, и се надеваме дека наскоро ќе биде следниот наш шаховски велемајстор. И секако уште еднаш да не ја заборавиме целата екипа и стручниот штаб кои придонесоа за овој успех: ИМ Атанас Кизов (селектор), ВМ Евгени Романов, ИМ Тони Лазов, ИМ Никола Николовски, ИМ Емил Ристески и ФМ Антон Златков – објавија од Шаховската Федерација на Македонија.
Конечниот пласман на машката репрезентација е на 61. место во конкуренција на 189 репрезентации, додека женската репрезентација е на 77. место во конкуренција на 170 репрезентации.


