Тодоров: Се плашам дека ако не ги решиме уставните измени брзо, после и да ги испорачаме нема да се доволни

Никола Тодоров/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

„Јас се плашам дека ако ова прашање не го решиме брзо, потоа после некое време и да го испорачаме ќе биде недоволно. Ќе биде недоволно, ќе биде како добра волја за да продолжиме кон некаков друг разговор, за некакви други отстапки што треба да ги правиме. Се плашам од тоа“ рече Никола Тодоров, поранешен министер за здравство и образование во Владата на ВМРО-ДПМНЕ за гласањето на уставните измени во поткастот „Политиканти“ на „Слободен печат“.

Тој додаде дека многу од работите во преговорите за формирање Влада зависат од бројките кои партиите ќе ги имаат и дека дури и убедливо водство на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ во бројот на пратеници, не значи ништо.

„Многу зависи од бројките, јас сум преговарал коалиции со ДУИ и 2011, 2014, 2016. Едно е да имаш 50 пратеника, друго е да имаш 61 пратеник. Многу различни и кога имаш 61 ќе се потепаат да влезат во Влада, така? Ако имаш 50 и има можност со овој или со оној да оди е тоа е веќе друга калкулација“ рече Тодоров.

Тој додаде дека едно е ВМРО-ДПМНЕ да има над 50 пратеници, а друго е да остане со 49 пратеници.

„Значи ВМРО може да победи со 49 наспроти 28 на СДС, тоа е го здробиле СДС така, ама од 48 до 61 има многу“ рече Тодоров.

Поранешниот министер за здравство и образование во Владите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров во поткастот „Политиканти“ на „Слободен печат“ изјави дека потребна е одговорност од сите учесници на избори и да не се влегува во непотребни екстреми и додаде дека Бугарија не може да наметне политика на ЕУ, но Грција од друга страна може.

„Јас се секирам да не дојдеме сега ние во оваа кампања, во оваа потреба да се парира на овие кои што се обраќаат на иста публика во собава, така, ние доаѓаме тројца во собава и се обраќаме на сите луѓе тука и сега еден од нас е поекстремен, а овие баш тоа сакаат да го слушнат, а ти не можеш тоа да го кажеш пошто ги знаеш овие работи за кои јас зборам, во меѓународна политика мораш да имаш и малце одговорност“ рече Тодоров.

Тој додаде дека се плаши оти кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова може да отиде во тој правец и да се постави неодговорно и екстремно.

„Се плашам да не отиде лесно во тој правец. Сега ќе речеме избори се, се простува, така е, и во Грција ќе ќутат, ќе речат и ние за избори свашта збориме така, малку од малку тие 10-15 дена една, две, три, четири работи можат да се простат, ама ако тоа продолжи уште подлабоко, уште подлабоко и ако завлезе она на тој терен поприлично длабоко да каже некои работи. Е тогаш може тоа да биде голем проблем за ВМРО потоа, не само како ќе функционира туку дали ќе функционира заради капацитетот на коалицирање или коалицискиот потенцијал“ рече Тодоров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот