Техничката влада се укинува зашто државата се вратила во нормала по владеењето на Груевски, вели Меџити
Лидерот на идната партија Вреди беше долгогодишен потпретседател на ДУИ во времето која партијата на Ахмети беше партнер во владите на Никола Груевски
Коалицијата Вреди на 9 мај, симболично на Денот на Европа, ќе одржи обединувачки конгрес преку кој ќе прерасне во една политичка партија со централно-десничарска идеолошка определба, најави еден од лидерите на коалицијата, Изет Меџити, во гостувањето на „Сител“, во кое зборуваше и за новата структура на партијата, претстојната реконструкција на владата, европската интеграција, како и за укинувањето на Пржинската влада.
Препорачано
Меџити рече дека обединувањето во една партија „има за цел да донесе вистинска конкуренција на политичката сцена“.
„Вреди направи се, монополизирана албанската сцена, значи политичка сцена во Македонија да се воведе конкуренција, да се укине тој монопол ДУИ над 20 години“, рече Меџити.
Изборот на 9 мај за конгрес не е случаен, бидејќи ја симболизира посветеноста кон европските вредности, кои се врвен приоритет, вели тој.
Во однос на актуелните законски измени за укинување на техничката („Пржинска“) влада, Меџити даде целосна поддршка, истакнувајќи дека тој модел „бил донесен за надминување на политичка криза во времето на владеењето на Никола Груевски“ и дека сега „државата е вратена во нормала“. Меџити, инаку, беше долгогодишен потпретседател на ДУИ во времето кога партијата на Али Ахмети беше коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ во владите на Никола Груевски.
Запрашан за најавената реконструкција на владиниот кабинет, Меџити потврди дека начелно се договорени со премиерот Христијан Мицкоски за промени во Владата, но деталите ќе се договараат по завршувањето на партискиот конгрес. При евалуацијата, најважни ќе бидат „резултатите и остварувањата на функционерите“, тврди поранешниот вицепремиер и министер, кој ги напушти двете функции за да стане градоначалник на Чаир.
Во однос на Арбен Фетаи и неговото евентуално заминување од владата на позицијата специјален претставник во Брисел, Меџити истакна дека не е против таква одлука.
„Има голем придонес, значи кога имаше обид да се дестабилизира владата и Вреди, има вредности, може да придонесе за државата“, рече Меџити за Фетаи, кој остана во Владата кога неговиот тогашен партиски лидер, Арбен Таравари, лани ја напушти и замина во опозиција.
За статусот на министерот за здравство, Азир Алиу, кој исто така беше од партијата на Таравари, но остана во владата за да седне во неговата министерска фотелја, Меџити посочи дека „информациите засега се само на ниво на шпекулации“ и дека ресорите дополнително ќе се утврдуваат.
Говорејќи за евроинтеграциите, Меџити го пренасочи прашањето во критики за претходната власт на СДСМ и ДУИ, обвинувајќи ги дека со години не направиле „ниту милиметар“ раздвижување на процесот. Тој изрази надеж дека од новата влада во Бугарија ќе пристигнат позитивни сигнали за надминување на билатералниот проблем.
„По секоја цена да најдеме решение и да чекориме кон Европска Унија бидејќи тоа е единствена перспектива за граѓаните. Јас сум оптимист дека ќе фатиме чекор заедно со Албанија, Црна Гора ќе се приклучиме и ќе бидеме членки на Европска Унија“, оптимистички изјави Меџити, не споменувајќи го категоричното одбивање на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, да се направат уставните измени за кои Брисел постојано повторува дека се неопходни за да се откочи европскиот процес.
Откако Филипче го услови, Мицкоски објаснува: Техничката влада не се укинува за следните избори


