Фотографија ЕПА, Оле Бергрустен

Франција го пушти „на слобода“ рускиот танкер – компанијата треба да плати солена казна

Бродот, кој бил конфискуван од француските власти, е под американски, британски, канадски и под европски санкции од 2025 година поради неговата поврзаност со т.н. руска „флота во сенка“, мрежа од бродови преку кои Москва се обидува да ги заобиколи меѓународните санкции и да го финансира воениот поход против Украина.

Француските власти му дозволиле на запленетиот нафтен танкер, кој е дел од руската „флота во сенка“, да ги напушти територијалните води откако компанијата сопственик на пловилото морала да плати казна во вредност од неколку милиони евр“, објави „Ројтерс“.

Француската морнарица на 22 јануари 2026 година интервенирала на отворено море, во близина на брегот на шпанската покраина Алмерија, во координација со партнерските земји, пред сè со Обединетото Кралство, при што бил запрен танкерот „Гринч“, кој пловел од руското пристаниште Мурманск.

Според тврдења на француски дипломатски извори, станува збор за брод што е под американски, британски, канадски и под европски санкции од 2025 година поради неговата поврзаност со т.н. руска „флота во сенка“, мрежа од бродови преку кои Москва се обидува да ги заобиколи меѓународните санкции и да го финансира воениот поход против Украина, кој трае речиси четири години.

Интервенцијата е спроведена врз основа на член 110 од Конвенцијата на Обединетите нации за правото на морето, откако постоеле сомнежи дека бродот плови под лажно знаме. По пресретнувањето, танкерот бил пренасочен кон француското пристаниште Фос-сур-Мер, каде што бил подложен на целосна инспекција.

По извршената проверка, било потврдено дека бродот немал важечко знаме, што, според дипломатски извори, било користено за прикривање на неговата вистинска националност и реалното сопствеништво. Поради тоа, бродот бил задржан во согласност со одредбите на меѓународното поморско право и француското законодавство.

Макрон потврди: Франција пресретнала руски танкер од „флотата во сенка“ во Медитеранот

Компанијата на бродот се санкционирана од судот во Марсеј

Компанијата сопственик на бродот била санкционирана од судот во Марсеј преку постапка со признавање вина и е казнета со финансиска казна со конфискација, при што износот бил уплатен на сметката на Агенцијата за управување и поврат на запленет и конфискуван имот (АГРАСК). Од компанијата најавиле дека ќе обезбедат ново знаме за бродот „што е можно поскоро“.

Дипломатски извори укажуваат дека честите промени на знаме се типични за нетранспарентни и сомнителни практики, бидејќи бродови што редовно се „пререгистрираат“ честопати учествуваат во нелегални операции, особено со цел заобиколување санкции. Дополнително, ваквите пловила, кои најчесто се стари и технички дотраени, претставуваат сериозен ризик за безбедноста на крајбрежјата, поморскиот сообраќај и екипажите.

„Флотата во сенка“ е ослабена

Според проценките на дипломатски извори, оваа операција дополнително ја ослабнала „флотата во сенка“. Трите недели задржување на бродот во Фос-сур-Мер претставуваат финансиски удар од неколку милиони евра за сопствениците кои се обидуваат да ги заобиколат санкциите и да го прекршуваат законот.

Ваквите рестриктивни мерки имаат одвраќачки ефект врз целиот екосистем на „флотата во сенка“ – сопственици на бродови, осигурителни компании и трговци – бидејќи создаваат значителни финансиски трошоци и го прават купувањето руска нафта сè поризично и поскапо.

За да ги намали ризиците од вакви заплени и пресретнувања, Русија, според изворите, вовела скапи мерки за заштита на овие бродови, вклучително и зголемено користење воени поморски ескорти и вооружени безбедносни тимови на самите пловила. Во исто време, државните приходи на Русија од нафта и од гас, според проценките, се на најниско ниво од почетокот на инвазијата врз Украина.

Во декември, речиси 68 проценти од руската сурова нафта извезена по морски пат била транспортирана токму со санкционирани бродови од „флотата во сенка“.

Франција, како што тврдат дипломатските извори, ќе продолжи да ги користи сите расположливи механизми, во координација со партнерските држави и со целосно почитување на меѓународното право, за да ги попречи активностите на руската „флота во сенка“, долгорочно да ја лиши Русија од овој клучен извор на финансирање за војната против Украина и да ги заштити европските крајбрежја од опасностите што ги носат ваквите пловила.

Зеленски воведува нови санкции кон руската „флота во сенка“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот