Странски регистрации и натаму се „тркалаат“ на македонските патишта

колони возила. / Фото: Архива на Слободен печат

Возилата со странски регистарски таблички, вклучително и возилата со бугарски регистарски таблички што ги исполнуваат пропишаните критериуми за користење на територијата на РСМ, имаат царински статус на привремено увезена стока. Владата лани за 50 отсто ги намали давачките за нивна пререгистрација, под услов тие да влегле во земјава заклучно со 1 октомври 2020 година и да се со ЕУРО 4 стандард

Добар дел од возилата со странски регистарски таблички, најчесто од Бугарија, завршиле на некоја од депониите, бидејќи на нивните сопственици не им се исплаќало да ги преведат на македонски регистрации. Можноста за нивна пререгистрација со 50 отсто намалени давачки, заврши лани на 21 јуни, но на патиштата и натаму има возила со странски таблички. „Слободен печат“ се обрати до Царинската управа на Македонија за да дознае по која основа и натаму во државава може да се забележат возила со бугарски регистарски таблички? Прашавме и каков е нивниот статус, бидејќи лани беше овозможено тие да се преведат на македонски таблички и тоа со 50 отсто помали давачки.

– Во царинското подрачје е дозволен влез на возила со странски регистарски ознаки, кои најчесто се со ознаки на соседните земји, што е во согласност со слободата на движење на патници и стока. Возилата со странски регистарски таблици, вклучително и возилата со бугарски регистарски таблички што ги исполнуваат пропишаните критериуми за користење на територијата на РСМ, имаат царински статус на привремено увезена стока. Според царинските прописи, привремен увоз на возила за патен транспорт може да се одобри доколку тие се регистрирани надвор од царинското подрачје, на име на лице со живеалиште надвор од царинското подрачје и да се употребуваат од лица со живеалиште надвор од царинското подрачје – објаснија од Кабинетот на директорот на Царината.

Според Царинскиот закон, рокот за привремен увоз е 6 месеци во период од 12 месеци. Тоа значи дека толку време во Македонија може да возите со странски таблички, а потоа ќе треба да „паузирате“, но само под услов, ако постојано живеете во странство и го користите возилото за време на престојот во земјава. Во спротивно, ќе треба да се пријавите во најблиската царинарница и да почнете постапка за увоз или привремен увоз на возилото.

– Царинските службеници ја проверуваат основаноста за внесување и користење возила со странски регистарски таблички на граничните премини. Се проверува дали и кои лица можат да внесуваат и користат вакви возила на територијата на Македонија – стои во Царинскиот закон.

Граѓаните на Македонија кои не живеат постојано во странство, немаат право да внесат и да управуваат возила со редовни странски регистарски таблички што се регистрирани на нивно име.

– Доколку веќе поседуваат вакво возило, граѓаните имаат можност да спроведат царинска постапка на увоз со плаќање на давачките – велат од Царината. Ако не го сторат тоа, покрај прекршочната казна, може да им биде одземено и возилото.

Со децении на македонските патишта се возеа автомобили со бугарски регистрации, чии сопственици имаат бугарски пасоши. Владата лани за 50 отсто ги намали давачките за нивна пререгистрација, под услов тие да влегле во земјава заклучно со 1 октомври 2020 година и да се со ЕУРО 4 стандард. Владата најави дека со ваквото решение во буџетот ќе влезат приходи од околу 20 милиони евра, а собра околу 6,5 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот