Страдате од мигрена? Четири природни додатоци кои можат да помогнат

Фото: Пекселс/karolina-grabowska

Повеќе од 10 отсто од луѓето ширум светот, особено на возраст меѓу 20 и 50 години, имаат мигрена, според „The ​​Journal of the American Medical Association“.

Мигрената се опишува како мачна болка. Често се јавува во предниот дел на главата, но може да биде и во задниот дел. Исто така, не мора да доаѓа само од едната, туку од двете страни на главата.

„Симптомите на мигрена се полоши од типичната главоболка, а умерените до тешки главоболки се само еден од симптомите на мигрената“, вели Фред Коен, специјалист за главоболка, и доцент по медицина и неврологија на Медицинскиот факултет Icahn на планината Синај, пренесува „Ју-ес трендинг њуз“.

Може да се појави гадење, повраќање, чувствителност на светлина и чувствителност на звук. Што се однесува до причината за мигрената, кај некои таа е резултат на генетика, додека кај други може да настане поради исхрана, стрес, па дури и временски промени.

За среќа, исцрпувачките симптоми на мигрена може да се ублажат со некои природни лекови. Еве неколку, кои Коен ги препорачува.

Додатоци на магнезиум

„Земењето магнезиум може да биде добро за ослободување од мигрена бидејќи им помага на крвните садови во мозокот да се релаксираат, ги регулира вашите нервни рецептори, вклучително и серотонин, и може да ги зголеми нивоата на магнезиум кои обично се ниски кога имате напад на мигрена“, објасни Коен за „Си-ен-би-си„ (CNBC).

Тој предлага користење на секаков вид додаток на магнезиум, од 200 до 600 милиграми, но забележува дека магнезиум глицинатот обично е полесен за стомакот.

Рибофлавин (витамин Б2)

“Рибофлавинот е вклучен во митохондриите на клетката. Тој е одговорен за производство на енергија, а мигрената е воспаление кое го слабее тоа производство. Затоа рибофлавинот може да помогне”, објаснува докторот. Тој препорачува земање додаток на витамин Б2 од околу 200 до 400 милиграми.

Коензим Q10

„Коензимот Q10 е антиоксиданс кој исто така е корисен за производство на енергија и митохондријална функција. Работи многу слично како рибофлавинот и исто така се користи за холестерол и проблеми со срцето“, додава Коен.

Истражувањата покажуваат дека земањето додатоци на коензим Q10 ја намалува фреквенцијата, времетраењето и сериозноста на мигрена главоболки. Коен предлага дополнување со 100 до 300 милиграми коензим Q10 дневно за олеснување на мигрената.

Омега-3 масни киселини

Омега-3 масните киселини, како што е рибиното масло, се антиинфламаторни и можат да помогнат да се намали воспалението предизвикано од мигрена, вели Коен.

„Омега-3 рибиното масло првично беше промовирано за луѓе со кардиоваскуларни проблеми, но видовме дека е ефикасно и за мигрена“, додава тој.

Исхраната богата со омега-3 и ниска содржина на омега-6 била поврзана со намалување на зачестеноста на мигрените, според студијата од 2021 година објавена во Британскиот медицински журнал.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот