Стотици бездомници и ова лето ќе го дочекаат под отворено небо

Пункт за бездомници во Момин Поток, „Фото: Слободен печат

Пунктот при Црвениот крст во Момин Поток, кој работи во текот на целата година, е место каде што сервисните услуги на бездомните лица им се даваат во среда кога се услужуваат 60 лица и во петок кога се услужуваат 100 лица.

Топлото време и исклучително високите температури што ни претстојат се сериозна закана за здравјето на онаа категорија граѓани, кои немаат свој дом и место каде ќе се засолнат кога температурите ќе го надминат четириесеттиот степен. За жал, бројката на бездомници што спијат под ведро небо во Скопје е во континуиран пораст, а според неофицијални податоци, нивната бројка изнесува околу 500 бездомни лица.

Во досегашната теренска стручна работа со оваа целна група не е направено некое посериозно темелно истражување, со кое може да се даде конкретна бројка на сумарна статистика за оваа социопатолошка појава. Не е за занемарување фактот на позитивен тренд на растење на оваа појава, што директно покажува дека сè повеќе и повеќе осиромашува македонскиот граѓанин. Од неофицијални извори се калкулира со бројка од околу 500 бездомници на територијата на градот Скопје – информираат од Црвениот крст на Град Скопје.

Токму во обид да ги заштитат од екстремно високите температури во летните денови, од Црвениот крст на оваа ранлива категорија граѓани им нудат можност за престој, но и можност за добивање оброк во Пунктот за бездомници во Момин Поток.

Пунктот при Црвен крст во Момин Поток, кој работи во текот на целата година, е место каде што сервисните услуги на бездомните лица им се даваат во среда (се услужуваат 60 лица) и во петок (се услужуваат 100 лица). Во студениот бран прифатилиштето во Момин Поток е отворено 24 часа, во период од декември до март сè додека траат поларните температури, каде што вкупниот број легла (32) во овој период целосно се пополнува – информираат оттаму.

Сепак, проблем може да се појави кога на одредена јавна површина во Скопје има бездомник кој е на поголема оддалеченост од Пунктот за бездомници што е лоциран во Момин Поток и кој дури и да сака, поради оддалеченоста не би можел да оди и да ги искористи поволностите и услугите што се нудат таму.
Од Црвениот крст велат дека од нивна страна постојано им се помага на овие граѓани за чиј превоз се исто така задолжени.

Една од сервисните услуги во пунктот при Црвениот крст е и транспортот на бездомните лица од централното градско подрачје до Момин Поток. Оваа услуга најчесто ја користат бездомните лица што се во поодминати години и имаат здравствени проблеми – објаснуваат од Црвениот крст на Град Скопје.

Според надлежните, во моментот постојниот капацитет на Пунктот за бездомници во Момин Поток комплетно ги задоволува потребите на бездомните лица.

Проширувањето на пунктот за бездомници со трпезарискиот дел, административните простории како и со новото женско одделение се реализираше непосредно пред да започне пандемијата на ковид-19, со што директно оваа состојба влијаеше рапидно да се зголеми бројот на бездомници што ги користат сервисните услуги во пунктот во Момин Поток – велат од Црвениот крст на Град Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот