Стопанска комора: Ковид-19 ги извади на површина структурните слабости на македонската економија

Корона-кризата во изминатите 10 месеци предизвика сериозни последици врз македонското стопанство и ги извади на површина долгогодишните структурни слабости на македонската економија, оцени денеска Стопанската комора на Македонија.

На прес-конференцијата од велешки „БРАКО” беше упатена пораката дека е време, преку разговори на сите засегнати страни, да се дефинираат системски и долгорочни решенија.

– Неспорно е дека изминатите 10 месеци поставија сериозни предизвици пред македонските компании, а истовремено неспорно е дека состојбата во која во моментот се наоѓа македонската економија е тешка, но не е драматична како што се стравуваше во почетната фаза на пандемијата. Различни сектори и дејности беа различно погодени и сѐ уште се под влијание на здравствените и на економските последици од пандемијата. Особено во првите месеци состојбата предизвикана од пандемијата отвори повеќе прашања кои го отежнаа работењето на компаниите (вклучувајќи ги целосните забрани за вршење на дејноста на определени сектори и дејности; проблемите за одржување на коридорите за снабдување со суровини и со репроматеријали, но и за извоз на готовите производи; намалениот обем на нарачки од европските партнери, но и проблемот со одржувањето на ликвидноста на компаниите), рече Татјана Штерјова Душковска, директор на Дирекцијата на здруженија и регионални комори во Стопанската комора.

Таа се осврна на работниот материјал „Македонската економија во тековниот период и во периодот на постковид 19″ кој ги сублимира констатациите, предлозите и видувањата во бизнисот.

– Од денеска почнува процесот на консултации со сите компании, членки на Комората. Во идните недели ги повикуваме да ги доставуваат своите ставови, размислувања и предлози во врска со насоките на дејствување и со приоритетните развојни прашања, нагласи Штерјова-Душковска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот