ССК за првпат во Македонија со дигитализација на сертификат за потекло за извоз

Сојузот на стопански комори на Мaкедонија (ССК) стартува со дигитални Сертификати за потеклоза прв пат во нашата држава.

Пред македонските компании и соработници, со поддршка на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем (БЕП)Сојузот го промовира процесот за електонско издавање на Сертификат за потекло, што за компаниите ќе значи заштеда на време, средства и подобрување на сигурноста за веродостојност на Сертификатот за потекло.

До сега Сертификатот за потекло кој претставува меѓународен трговски документ што се користи за да се одреди потеклото на стоките за службени, комерцијални и финансиски потреби при извоз,  се издаваше исклучиво во хартиена форма со пропратна документација.

Претседателот на Сојузот, Даниела Арсовска, во своето обраќање истакна дека  дигитализацијата на деловните процеси е во функција на  подобрување на услугите кои ги нуди Сојузот за компаниите во функција на зголемување на продуктивноста и конкурентноста на деловната заедница.

– Во светски рамки, стопанските комори имаат централна улога во олеснувањето на глобалната трговија, што е значајна заложба на Сојузот на стопански комори. Дел од услугите се и издавање сертификати за потекло за извозниците. Водејќи се од глобалните трендови, Сојузот од денес, стартува со новата услуга за компаниите што ќе значи  полесно, поефикасно и побрзо дигитално издавање на Сертификати за потекло за  производите наменети за извоз. Досегашниот процес на хартиено издавање на Сертификатот одземаше драгоценo време,  поточно подигнување на документација, пополнување од страна на компаниите и повторно доставување за верификација.  Сегашната процедура ќе се одвива електронски во целина, со што се скратува значително од времето за администрирање на сертификатите, се заштедува не само време, туку и трошоци за пaтување од и до местото на издавање, а дополнително се зголемува транспарентноста на севкупниот процес – истакна Арсовска и додаде дека електронскиот Сертификат за потекло  е средство за олеснување на трговско опкружување и е неопходен при извоз на македонските извозни компании.

Во нашата земја првата компанија која започна да го користи електронскиот сертификат за потекло е ТИФИ ГРУП, увоз-извоз од Велес.

На официјалната промоција, директорот Филип Рашевски, истакна дека на овој начин процесите се забрзуваат и над 90 проценти, се заштедува време и средства за патување, поточно процедурата хартиено ја завршувале минимум за еден ден вклучувајќи го и патувањето, а сега електорнски се завршува за кратко.

– Модернизирање на процедурите за извоз, навистина заштедуваат време и средства – исткна Рашевски.

Сертификатот за потекло на реномираната светска компанија ESS CERT која управува со најголемата електронска мрежа на сертификати за потекло во светот, опфаќа 240 стопански комори, го користат 14 земји од целиот светот во Европа, Америка, Африка, Азија и Океанија. Кон Европските, Ирска, Холандија, Норвешка, Словенија, Шведска и Обединето кралство од денес се приклучува и Македонија.

Сертификатот за потекло се користи во меѓународните трговски трансакции со кој се потврдува дека производот наведен во него исполнува одредени критериуми за потекло од одредена земја. Истиот, се доставува до царинскиот орган на земјата увозник за да се оправда подобноста на производот за влез.

Златко Ветеровски, помошник директор на Сектор за царински систем, Царинската Управа истакна дека спроведување на дигиталните процеси не се едноставни, но придобивките несомнено се големи, бидејќи ја подобруваат конкурентноста како на компаниите, така и на самите институции во насока на создавање поефикасна околина во согласност со глобалниот развој.

Во светот околу две илјади стопански комори доставуваат повеќе од 12 милиони сертификати за потекло годишно. Во 1898 година бил издаден првиот сертификат за потекло, а по потпишувањето на 1923 Женевската конвенција, коморите се признати од страна на владите и царините како надлежни органи за издавање на сертификати за потекло. Коморите играат значајна, важна улога како доверливи трети страни, кои носат сигурност, интегритет, неутралност и непристрасност во издавањето сертификати за потекло.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот