Српските студенти пред Генералштабот: Зградата ќе ја браниме со нашите тела
Студенти од неколку белградски факултети и иницијативата Ансамбл на Генералштабот ќе се соберат денес во 11 часот пред зградата на Генералштабот под слоганот „Ние сме жив ѕид“. Како што најавија, ќе упатат усно предупредување до властите поради нивната намера да го урнат комплексот, кој беше оштетен во бомбардирањето на НАТО, објавува Нова.рс.
Препорачано
Организаторите нагласуваат дека денешниот собир ќе биде само најава за идните протести.
„Маршот од центарот на Земун започнува во девет часот наутро, а од Студентскиот плоштад во 10 часот, па сите се собираме во 11 часот пред Генералштабот. Подготвивме две претстави, по што во 11:52 часот ќе има 16-минутен молк“, објави Валентина Морачевиќ, студентка на Факултетот за применети уметности.
По оддавањето почит на жртвите, студентите ќе упатат јасно предупредување до Владата.
„Кога ќе заврши оддавањето почит на жртвите во Нови Сад, ќе имаме усно предупредување за властите. Доколку не престанат со уривањето на Генералштабот, односно ако не ја заштитат зградата, ние ќе ја браниме со нашите тела“, нагласува Валентина.
Студентите ги повикуваат сите граѓани да им се придружат и заедно со нив да им кажат на властите дека ќе има жив ѕид меѓу нив и Генералштабот.
Српскиот парламент во петокот донесе нов закон со кој се дозволува уривање на зградата на Генералштабот, архитектонски симбол на Белград оштетен во бомбардирањето на НАТО во 1999 година. Одлуката го отстранува нејзиниот статус на културно наследство, отворајќи го патот за изградба на луксузен хотелски комплекс поврзан со семејството на Доналд Трамп, објавува „Њујорк тајмс“.
Србија ќе го урива Генераштабот оштетен во НАТО бомбардирањето за да гради зетот на Трамп


