Српската влада соопшти дека полицијата идентификувала лица кои упатувале лажни дојави за бомби во училиштата
Полицијата во Србија идентификувала неколкумина српски државјани и едно лице од странство кои деновиве испраќале дојави за наводно поставени бомби во белградските училишта, соопшти Владата на Србија.
Препорачано
Во соопштението се наведува дека Министерството за внатрешни работи (МВР) ја известило премиерката Ана Брнабиќ дека е во тек темелна истрага за случајот.
„Сторителите се осомничени за предизвикување паника и неред“, соопштуваат од Владата.
Во соопштението се додава дека Министерството ги презело сите мерки и активности за да се обезбеди највисоко нисво на безбедност и заштита на училиштата.
„Се постапува со секоја закана. Дневно се вклучени околу 2.500 полицајци на терен“, објави Владата.
Министерството за образование на Србија во следните два дена ќе предложи нов протокол за справување со вакви ситуации со цел да се обезбеди целосна безбедност на сите што престојуваат во училиштата.
На 11 декември пристигнале дојави за подметнати бомби во неколку основни и средни училишта во Белград. Полицијата и правосудните институции на Србија на 8 декември објавија дека има напредок во истрагата за лажни закани со бомби во училиштата.


