Средба на Независниот академски синдикат со Царовска

Членови на Извршниот одбор на Независниот академски синдикат (НАкС) вчера одржаа средба со министерката за образование и наука Мила Царовска, во просториите на Министерството.

Како што соопшти Синдикатот, пред Царовска ги презентирале анализите и истражувањата на НАкС за актуелните проблеми низ кои минуваат вработените во високото образование и студентите.

-Се се акцентираше делот за оценка на квалитетот во високото образование, улогата и законитоста на Интеруниверзитетската конференција, итноста за усвојување ажурирана Фраскатијева класификација, како и други недостатоци во Законот за високото образование кои се констатирани во периодот на неговата досегашна имплементација. Говорено е за итноста за вработување на млади кадри и замена на пензионираниот наставен кадар, системско структуирање на платите на вработените, потребата да се задржат студентите на додипломски и последипломски студии во државата преку стипендии, зголемено финасирање на научно-истражувачката и уметничка работа, како и да се овозможи пристап до базите на научни списанија, стои во соопштението.

Царовска одговори дека нејзините заложби за разрешување на посочените проблеми ќе се базираат врз нејзиниот даден мандат и постојната законска рамка што беше протолкувано од НАкС дека сегашната Влада и ресорната министерка се задоволни со донесувањето на Законот за ВО во изминатиот мандат на Владата и нема да се отвора прашањето за измени на ЗВО.

-МОН веќе има почнато да работи врз дефинирање на структурата на платите на вработените во високото образование. Во таа смисла, беше реафирмирано прашањето за колективен договор, чиј предлог- текст НАкС го има доставено до МОН пред нецела година. За потсетување на јавноста, овој Колективен договор предвидува дека платите на вработените во високото образование и наука треба да бидат пресметувани согласно коефициент во однос на минималната плата и да соодветствуваат на платите во регионот, стои во соопштението.

Околу финализацијата на Колективниот договор, министерката Царовска задолжи вработени во МОН да отпочнат со работа кон средината на октомври, оваа година, додаваат од Синдикатот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот