Ќациленд / Фото: Принтскрин

Девојка тврди дека насилници ја киднапирале и ја одвеле во „Ќациленд“: Ме клоцаа, ми удираа шлаканици и ме газеа“

Во јавноста се појави сведоштво на девојка која кон крајот на август во Белград била пресретната од автомобил „шкода октавија“. Од сивиот автомобил без регистарски таблички излегол маж, ѝ ставил качулка преку лицето и ја одвлекол во колата. Наскоро таа се нашла кај шаторите на симпатизерите на претседателот на Србија, место познато како „Ќациленд“, каде што, како што тврди, маскирани мажи ја клоцале, ѝ удирале шлаканици, ја газеле и ја навредувале, објави „Компас“.

Во разговор за порталот, девојката која од безбедносни причини сакала да остане анонимна, а која е наведена под псевдонимот Марија, ги опишува малтретирањето и насилството што следеле неколку дена откако полицијата ја привела по протестите на 18 август во Белград.

Го ослободија и по неколку мига пак го уапсија: „Миша Бачулов останува мета за прогон“

Протестот завршил со нереди пред седиштето на Српската напредна странка (СНС). Марија била меѓу приведените и ѝ бил одреден притвор. Во притворот била сместена во полициските станици „Стари град“ и „Мајке Јевросиме“, а била одведена и на Воено-медицинската академија (ВМА) за токсиколошка проверка.

Полицијата ѝ го одзела телефонот, кој по некое време ѝ бил вратен. Ѝ била доделена адвокатка која ја советувала да признае вина, што подоцна адвокатите од невладините организации успеале да го променат во негирање на вината за делото насилничко однесување на јавен собир. Марија моментално е на условна казна.

Патот до „Ќациленд“

Кога по враќањето од притвор решила да се сретне со пријателка, таа била насилно внесена во непознатиот автомобил и одведена во „Ќациленд“.

— Четвртиот или петтиот ден, откако ги помина претходните денови без сон и храна, собирајќи се малку по малку ментално, излегов надвор и отидов со другарка. Разговаравме, а јас ѝ објавив на Инстаграм дека немам физички повреди, но дека сум ментално осакатена. Истата вечер, кога се најдов кај „Лепосава бар“, се поздравував со другарка ми. Чекав да видам дека отишла, дека е безбедна. Знаев дека секој што ќе биде со мене може да биде во опасност. Заборавив да се заштитам себеси. Вечерта кога таа замина, во еден момент слушнав автомобил и силно кочење. Не се свртев. Мислев дека е некоја будала, можеби такси, сè додека не ги слушнав чекорите и тогаш се свртев. Во тој момент ми ставија качулка, главата ми беше свиткана. Единственото што успеав да го видам беше сива „шкода октавија“ без таблички. Во колата имаше уште еден маж на задното седиште. Ме фрлија во колата и ми го покрија лицето — раскажува Марија.

Таа додава дека возењето траело 10–15 минути, а потоа насилниците ја изнеле од колата и ја фрлиле наземи.

— Се возевме. Ги броев минутите во себе. Се возевме околу 10–15 минути додека колата не застана. Немав поим каде сум. Дури кога ме извадија од колата и ме фрлија наземи како вреќа брашно или цемент, почувствував силна болка во задникот и во ’рбетот. Се обидов да станам, но некој ми ја држеше ногата на телото. Рацете ми летнаа нагоре, нозете беа залепени за земјата бидејќи некој стоеше на нив. Почнав да врескам, се обидував да се извлечам од нив. Тогаш сфатив дека сум во „Ќациленд“. Видов шатор и детско игралиште. Наскоро се создаде круг од маскирани луѓе. Тројцата што ме држеа носеа маски, но очите добро им ги запомнив. Лицето што ми стоеше на нозете ми рече дека имам среќа бидејќи ја знаат мојата здравствена состојба. Бев во шок. Почнав да се плашам за својот живот. По тие зборови, сите што беа таму, а знам дека беа многу, почнаа да ме клоцаат и да ми удираат шлаканици, ми говореа одвратни работи — раскажува таа.

Таа додава дека „тулумот“, како што го нарекува, завршил кога еден од напаѓачите рекол: „Добро ја научивме.“

Ова не е ништо ново за „Ќациленд“

Досега имало неколку случаи на физичко насилство во и околу шаторското населување пред Собранието на Србија. Обвинувања дека непознати мажи од „Ќациленд“ наводно малтретираат студентки јавно изнесе и пратеничката Билјана Ѓорѓевиќ од Зеленo-левиот фронт.

Студент бил нападнат на 2 октомври додека минувал покрај парламентот. Во службена белешка до која дошоле медиумите стои дека неколкумина му пришле без причина и барале да престане да снима. Кога започнал да ја повикува полицијата, го опколиле и го удирале со тупаници по главата и по телото. Полицијата соопштила дека напаѓачите не биле пронајдени бидејќи на снимките немало доволно светлина.

ВИДЕО | Нова анализа открива шокантни факти за уривањето на натстрешницата во Нови Сад

Министерството за внатрешни работи не одговорило на прашањата на „Компас“ дали има информации дека маскирани луѓе напаѓаат граѓани во „Ќациленд“. Идентитетот на некои од луѓето забележани таму, како и на протестите, бил истражуван од новинарите на „Крик“, кои идентификувале луѓе осудувани за убиства, тепања, трговија со дрога и поврзаност со подземјето, а кои давале поддршка на владејачката партија на собири.

Како започнал случајот на Марија?

На денот кога била приведена, Марија со пријатели отишла на протест. Забележала зголемено присуство на маскирани луѓе. Откако бил разбиен излогот на СНС Марија, бегајќи од шок-бомбите, се сокрила со уште двајца во влез на зграда. Подоцна, кога сакале да се придружат на демонстрантите кај Вук, полицијата ги пресекла. Марија, другарката и момчето со нив биле претресени и приведени.

Во полициската станица чекале со часови во мрачен ходник. Потоа следеле 24 часа притвор, па ја тестирале за дрога и за алкохол, што таа го доживеала како дополнително заплашување. По враќањето во притвор, била сместена во темна ќелија, каде што ја изгубила надежта дека ќе биде пуштена. На крај била ослободена со условна казна.

Неколку дена подоцна, кога закпрепнувала, се случил нападот во „Ќациленд“.

Марија вели дека и понатаму чувствува болка во рамото од повредите, а поради недоверба во здравствените институции, не се јавила на лекар по малтретирањето. Иако физичките повреди полека заздравиле, психичките трауми, следењето, заканите, и уцените останале.

Вели дека, и покрај сè, не се плаши и е решена да се бори за промена на системот во кој, како што вели, досега не можела да има доверба.

Во болница е студентката која маж од „Ќациленд“ ја удри со тупаница по глава

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот