Србија ќе го менува Законот за извршители, ќе се забрани заплена на имот во кој се живее
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Законот за извршители ќе се промени во рок од два или три месеци и дека Уставот ќе забрани запленување на недвижен имот во кој живеат должниците. „Во наредниот период ќе се занимаваме со извршителите. Брзо се движиме, сè ќе биде во следните два или три месеци. Ќе промениме сè“, изјави Вучиќ за ТВ Информер. Тој нагласи дека не се виновни извршителите за она што се случува во Србија, туку законодавството кое не ги предвиде ужасните сцени, каде што сиромашните остануваат без своите куќи, станови и соби.
Препорачано
„И тоа ќе го забраниме со Уставот. Значи, ќе одиме на уставни измени за да им забраниме на семејствата со Уставот да им се случуваат такви ужасни работи, но ќе донесеме и важни одлуки во рамките на сите други министерства“, рече Вучиќ.
Претседателот Вучиќ вели дека државата моментално работи на важна програма за средната класа во сите сфери на општеството, која ќе биде значајна за Нови Пазар, но и за другите градови во Србија. Како што рече, програмата ќе го ограничи нивото на маржи што ги користат трговците на мало.
„Ќе донесеме нови закони, според кои ќе го ограничиме нивото на маржи што ги користат трговците. Значи, истовремено ќе донесуваме закони и одлуки на извршните власти. Истото ќе го сториме и во соработка со Министерството за финансии и Народната банка на Србија по прашањето за ограничувањата на маржите“, додаде тој, пренесува Политика.


