Спортистите во Грција од 5 мај со индивидуални тренинзи

фото: твитер

Заменик-министерот за спорт на Грција, Лефтерис Авгенакис попладнево ги соопшти одлуките во однос на новиот почеток на спортските активности во земјата.

Пилотски, постепено и во фази ќе се укинуваат рестриктивните мерки и за спортистите во Грција започнувајќи од 5 мај 2020 година кога ќе може и да почнат со индивидуални тренинзи, на отворено и со придржување кон мерките за хигиена и заштита од новиот коронавирус, јави дописничката на МИА од Атина.

Заменик-министерот за спорт на Грција, Лефтерис Авгенакис попладнево ги соопшти одлуките во однос на новиот почеток на спортските активности во земјата.

Објасни дека е формирана здравствена научна комисија за спорт, која состави „здравствени протоколи што се ажурираат согласно развојот на настаните, меѓународното искуство и научните податоци за безбедно работење и почитување на правилата за хигиена при рестартирањето на спортот”, а се однесуваат на спортистите, тренерите, персоналот на екипите, како и на вработените во спортските објекти.

Во т.н. здравствени протоколи за тренинзи, меѓу другото се препорачува да се држи растојание од два метри, спортистите да немаат меѓусебен контакт, да се избегнуваат тоалетите, а соблекувалните и тушевите ќе бидат затворени.

Првично ќе бидат дозволени сите индивидуални тренинзи за спортистите и спортистките кои веќе се квалификуваа или се борат да се квалификуваат на Олимписките игри, според препораката на Грчкиот олимписки комитет – рече Авгенакис и додаде дека ќе бидат дозволени тренинзите и за спортистите од сите возрасти, но само на отворено и за индивидуалните спортови со ниска опасност, како што се тенис, велосипедизам, голф, стрелање, пливање на отворено, планинарство, триатлон, атлетика, зимски спортови и сл.

За боречките спортови, дозволени се само кондициски тренинзи, на отворено, без контакти меѓу спортистите и со држење растојание.

Можност за тренинзи од вторник ќе имаат и екипите од првата фудбалска лига во Грција, но само во мали групи од шест до осум лица, на отворени игралишта и само за одржување на формата на фудбалерите и подобрување на индивидуалната техника.

Во однос на почетокот на првенствата во Грција, Авгенакис додаде дека организаторите имаат можност да одлучат дали ќе го прекинат првенството или ќе го се заврши во следниот период, во текот на летото.

Сепак, прашањето на многумина за целосно укинување на рестриктивните мерки и користење на сите спортски простори и од сите, не може да се одговори денес – истакна заменик-министерот за спорт на Грција и објасни дека ситуацијата континуирано ќе се разгледува и одлуките ќе се прилагодуваат засновани врз мислењата и советите на експертите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот