Советниците со став: Не може да се чека ветар да го исчисти воздухот, треба проблемот да се решава
Две насоки произлегоа од дискусиите на денешната вонредна седница, свикана по иницијатива на советничката група на СДСМ на која на дневен ред единствена точка беа предлог мерки за надминување и решавање на алармантната состојба со загадениот воздух во Скопје.
Град Скопје и службите да подготват проектна задача во која ќе бидат опфатени сите предлог мерки и сите дискусии и оваа предлог задача да се однесува на тој што ќе го изработува Предлог планот за управување со квалитетот на воздух. Проектната задача треба да биде направена во рок од еден месец од денеска за да може да започне изработка на планот. Покрај тоа, градоначалникот на Град Скопје во координација со градоначалниците на скопските општини треба да го проверат прогресот за реализацијата на краткорочните мерки, да постапуваат по нив и да им дадат извештај на советниците како тоа се одвива.
Препорачано
Ова се двете насоки кои произлегоа од дискусиите на денешната вонредна седница, свикана по иницијатива на советничката група на СДСМ на која на дневен ред единствена точка беа предлог мерки за надминување и решавање на алармантната состојба со загадениот воздух во Скопје.
По исцрпната дискусија на повеќе членови на Советот, јасно беше дека ова е проблематика со која сите се засегнати и за која сите подеднакво посакуваат решение со заедничка активност на сите локални власти во Скопје, но и со координирани активности со планот на национално ниво.
Координаторката на советничката група на СДСМ Катерина Цаневска – Арсовска потсети дека според Институтот за јавно здравје околу 4000 смртни случаи годишно се поврзуваат со загадениот воздух, а дека УНИЦЕФ предупредува дека секој 9-ти смртен случај се поврзува со загадувањето. Затоа, како што рече не може секоја година да се чека ветар или дожд за да се растера воздухот што го дишат граѓаните, треба да се лоцираат проблемите и да се најде начин како да се решат.
Зелен хуман град: Зошто „Усје“ помина без казна, иако премолчи дека загадува во 2023 година?
Цаневска – Арсовска посочи дека оваа состојба не е резулат само на метеоролошки услови, таа е последица на институционален неуспех, недостаток на ефективни политики за грење, транспорт и контрола на емисии на индустриски и домаќински емисии. Правото на чист воздух, како што рече е уставна обврска, а не политичка опција или нечиј кеиф.
Затоа, според неа е е потребно итно усвојување и финансирање на исцрпна програма за замена на нееколошките системи за греење со јасни рокови, обврзувачки таргети и реален буџет насочени кон најзагадените подрачја на Скопје.
Потребно е воведување задолжителни сообраќајни рестриктивни мерки во денови со екстремно загадување, вклучително и ограничување на сообраќајот, бесплатен јавен превоз и приоритет за еколошки возила; мораториум и ревизија на ДУП-овите во критичните зони на град Скопје; донесување обврзувачки Акциски план за чист воздух на град Скопје за периодот од 2026 до 2029 година со конкретни мерки, рокови, одговорни институции и месечна јавна отчетност; засилен инспекциски надзор над индиустриските капацитети со мерење емисии во реално време, санкции за загадувачите – се дел од мерките кои од говорницата ги предложи координаторката на СДСМ.
За советничката Кети Штерјова од СДСМ за да се намали негативното влијание од „Усје“ неопходно е построга контрола и мониторинг, континуирано и транспарентно мерење со јавно достапни податоци од самомониторингот кој го спроведува цементарницата, користење филтри по европски стандсарди и модернизација на технологијата.
Железарница „Макстил“ е извор на прашина, тешки метали и гасови. „Охис“ е еколошка закана сѐ уште поради несоодветно складирани хемиски материјали, и затоа е неопходно продолжување на процесот на отстранување на преостанатиот линдан од малата депонија, но и целото количество од големата. Во Визбегово и Ѓорче Петров работат бројни погони кои испуштаат чад, прашина и хемиски соединенија – укажа Штерјова и побара да се направи ревизија на сите А и Б еколошки дозволи.
Со мерките предложени од СДСМ се согласи и Горанчо Котески од ЗНАМ затоа што како што рече се во корист за граѓаните. Но, тој потсети дека ако мерките не се спроведат и во реалниот живот, нема ништо да постигнеме, особено што со години во зимските месеци се расправа за мерки, а потоа чекаме да дувне ветар и да го разнесе загадениот вфоздух над нашиот главен град. Затоа, според него активностите и мерките требва да се преземат во текот на целата година.
Меѓу другото, тој се осврна на јавниот превоз.
Ако не купиме автобуси и не го обновиме возниот парк на ЈСП напразно збориме за градскиот превоз. Поради меѓусебни караници и политички надмудрувања во последните четири години не купивме ни еден автобус и тие кои беа во употреба често се расипуваат. Мора во континуитте да се обезбедуваат автобуси за јавниот превоз.- рече Котески.
Тој предложи да се обезбедат филтри за сите што се греат на дрва и тоа да биде спроведено организирано, со екипи што ќе ги формираат општините. На подолг период, според него треба да се спроведе гасификација на овие домови и да се даваат субвенции за фотоволтаични панели.
Советникот Андреа Јанков од Левица смета дека најпрво е потребно да се донесе ГУП со јасна визија како ќе се шири Градот, ГУП кој нема да ја зголемува густината на населението туку плански ќе се шири со плански зелени коридори што ќе овозможат нормалното струење на воздухот во скопската котлина.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на крајот од вонредната седница искажа задоволство што по долго време за овие прашања се дискутира искрено и без политиканство, со цел да се преземат конкретни активности, затоа што овој проблем бара посветеност, конкретни акции и заедничка одговорност.
Загадувањето не е проблем кој се решава преку ноќ, ниту е создаден од сегашниот систем, но сега е наша обврска да делуваме и да го направиме Скопје почист и поздрав за сите- рече градоначалникот.
Тој информира дека во изминатиот период, поточно од 6-ти ноември до први јануари се спроведени засилени инспекциски контроли на индустриските капацитети кои поседуваат Б интегрирани дозволи, издадени се вкупно 90 прекршочни платни налози и глоби, врачени се 33 решенија за задолжување како и 290 опомени.
Притоа, само инспекторите за животна средина имаат извршено повеќе од 45 вонредни инспекциски надзори со кои се исконтролирани правни субјекти кои се наоѓаат во кругот на поранешните фабрики „Охис“ и Стаклара, но и на правни субјекти на подрачјето на општина Сарај. Изречени се глоби во висина од 1000 до 53 000 евра. Казнети се одговорни лица во правни субјекти по 3000 евра, казнети се физички лица со глоби од 250 до 500 евра кои се затекнати како неправилно исфрлаат секаков вид отпад на јавна и приватна површина и вршат палење на тој отпад – рече, меѓу другото, Ѓорѓиевски на вчерашната седница на Советот на Град Скопје.


