Совети од Клиника „Жан Митрев“: Kарциноми на тироидна жлезда

Д-р Јасмина Зафировска / Фото: Промо

Зголемена тироидна жлезда често може да биде од бенигна природа како на пример струмата

Тироидната жлезда е мал орган – дел од ендокриниот систем. Таа е сместена во предната долна третина на вратот и има облик на пеперутка. Составена е од два лобуса: лев и десен, споени со мал ткивен мост наречен истмус.

Тироидната жлезда ја сочинуваат два типа клетки и тоа:

  • Фоликуларни клетки – кои го користат јодот за создавање тироидните хормони.
  • Ц клетки – кои го создаваат калцитонинот (хормон што учествува во регулација на нивото на калциумот во крвта).
    Во тироидната жлезда се наоѓаат и лимфоцити и клетки на сврзното ткиво.

Разликувањето на овие клетки едни од други е многу важно бидејќи служат за диференцирање на типот на карциномот т.е. неговото потекло и одлуката за неговиот понатамошен третман.

Најголем дел од туморите во тироидната жлезда се од бенигна природа, но помал дел од детектираните промени може да бидат и малигни (канцерогени).

Бенигни промени на тироидната жлезда

Зголемена тироидна жлезда често може да биде од бенигна природа како на пример струмата.
Тироидните јазли што често ги среќаваме како единечни фокални дефекти (аденоми) во тироидната жлезда, во најголем број од случаите се од бенигна природа. Кај луѓето може да се појават јазли во која било возраст, но се најчести кај повозрасната популација. Некои од нив може да се детектираат при преглед од лекар визуелно или со палпација. Но, помалите јазли најчесто се детектираат со ултрасонографски преглед.

Знаци и симптоми на тироиден карцином

Карциномот на тироидната жлезда може да ги има следните знаци и симптоми:

  • Оток на вратот што брзо се зголемува
  • Болка во вратот што честопати се шири кон ушите
  • Засипнат говор до афонија подолго време
  • Отежнато голтање
  • Отежнато дишење
  • Константна кашлица

Многу од овие симптоми се поврзани и со други заболувања. Затоа е потребна детална анализа и испитување за исклучување на постоење тироиден карцином.

Рана дијагноза на тироиден карцином

Голем број од тироидните карциноми може да се откријат рано. Како резултат на раната детекција, тие може успешно да се третираат.
Зголемени лимфни јазли на вратот може да се прв знак за постоење тироиден карцином.

Рутински контроли што вклучуваат и скрининг на тироидната жлезда може да помогнат при раното откривање на тироидниот карцином.

Ризик стратификација на групи пациенти што биле изложени на радијациона терапија, позитивна анамнеза за постоење карцином на тироидна жлезда во семејство или пациенти со мултипна ендокрина карциноза, Хашимото тироидит во одмината фаза, детектирани фокални дефекти во самото ткиво на тироидната жлезда што се следат како суспектни подолго време.

Третман

Во зависност од стадиумот во кој е откриен карциномот на тироидната жлезда, во негово третирање се вклучува тим од професионалци што се занимаваат со таа патологија.

Првично се прави детална процена со ултразвук, цитолошка верификација преку тенкоиглена аспирациона биопсија, компјутерска томографија, крвни анализи со комплетен тироиден статус. Потоа во соработка со онколог се одредува стејџинг (стадиум) во кој се наоѓа самиот карцином.

Донесувањето на одлуката за третман е конзилијарна, со цел да се избере најдобриот и најцелисходниот начин за пациентот.

Д-р Јасмина Зафировска
Интернист тиреолог-диабетолог

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот