Сомнителниот пар од мирното предградие на Стокхолм

Руски шпиони во малото гратче во близина на Стокхолм/ Илустрација/ Слободен печат

Предградието на Стокхолм е познато како мирно место за живеење. Жителите на гратчето Нака се претежно постари луѓе, кои живеат мирен и спокоен живот. Но, едно утро тие се разбудиле од полициските сирени, звукот на два хеликоптери „Блек Хок“ и десетици вооружени специјалци кои насилно влегле во куќа на едно семејство кое живее таму.

Рацијата која минатиот месец ја извршиле шведските безбедносни сили, заедно со полицијата и армијата, траела нешто повеќе од минута, а нивна цел била руска двојка која е осомничена дека вршела „незаконски разузнавачки активности“ против Шведска и САД повеќе од една деценија, пишува „Гардијан“.

Ваквиот настан се случил само неколку дена пред да почне судењето во Стокхолм за двајца браќа кои минатата есен беа обвинети дека продале тајни разузнавачки информации на странски агенти.

Двојката, која сѐ уште не е именувана од шведските власти, пристигнала во оваа земја во 1997 година, добивајќи шведско државјанство 15 години подоцна.

Нивните соседи ги опишале нив како „целосно незабележителни“, а според официјалните податоци, тие раководеле со неколку помали компании, увозувајќи и извезувајќи компјутерска опрема, електронски уреди за бродови и авиони, заработувајќи 30 милиони круни (2,4 милиони фунти) годишно. Нивниот 20 годишен син е студент во Стокхолм.

Според шведските медиуми, двојката најпрво „паднала“ во окото на полицијата во 2016 година, поради неплатен данок на нивните компании – чие име, според локалните медиуми, исто така се појавува во извештајот на одбранбената агенција во јуни 2022 година, меѓу останатите 75 компании за кои се верува дека работат во корист на „руските економски интереси“ во Шведска по руската инвазија на Украина.

Еден од авторите на случајот, вели за весникот „Свенска Дагбладет“ дека парот бил сомнителен бидејќи нивните фирми биле контролирани од кипарска компанија под водство пензиониран дипломат од Советскиот Сојуз, како и осомничен полковник на военото разузнавање на ГРУ, кој некогаш бил протеран од Франција поради шпионажа.

Откако била спроведена истрага за нивната руска поврзаност, онлајн истражувачката новинарска платформа „Белингкат“ исто така се вклучи во случајот. Тие дознале дека оваа двојка има стан во Москва, уште од октомври 1999 година, и покрај тоа што тие наводно никогаш не живееле таму.

Од судот во Стокхолм, без да ги именуваат двајцата осомничени, велат дека сопругот имал поврзаност со ГРУ, без да дадат повеќе детали. Тие велат дека со помош на ФБИ дошле до ваквите информации за парот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот