„Сокол“ се уште чека на предизборното ветување

Срѓан Ивановиќ

Меморијалниот турнир во мал фудбал „Оливер Соколов – Сокол“, се одржуваше непрекинато цели 18 години и претставуваше едно од најпознатите обележја на Општина Карпош.

Но, за последен пат овој турнир се одигра во 2013 година, кога традиционално на 1 септември беше одбележан првиот училишен ден од школската година, по што поради недостаток на финансиски средства оваа прекрасна спортска манифестација згасна.

Интересно е дека во предизборната кампања во пресрет на локалните избори, актуелниот градоначалник на Општина Карпош, Стефан Богоев, вети дека ќе го рестартира турнирот.

– Ќе ја обновиме спортската сала „Партизан“, ќе го рестартираме турнирот „Сокол“ и ќе изградиме модерен спортски ценстар – „Лепенец“ – вели Богоев во рекламниот спот со кој ја претставуваше својата градоначалничка визија за Карпош, а кој се уште може да се пронајде на Јутјуб.

Во едно друго видео обраќање на социјалните мрежи, градоначалникот на оваа општина вети и целосна реконструкција на игралиштето во училиштето „Христијан Тодоровски – Карпош“ на кое се одржуваше турнирот, нагласувајќи дека тоа ќе му биде еден од приоритетите во неговиот мандат.

– Целосно во духот на здравиот живот и во духот на маалскиот живот и дружба, целосно ќе го реконструираме игралиштето „Сокол“ и ќе го вратиме турнирот, кој има долга традиција во Карпош – вели Богоев.

Сепак, ниту по две години од изборите, градоначалникот на општината не направи ништо за исполнување на ова негово ветување.

Оваа манифестација го носеше името на прерано починатиот Оливер Соколов – Сокол, а на турнирот редовно се пријавуваа по 50 и повеќе екипи. Може да се пронајде и податок дека во текот на одржувањето на натпреварите, покрај теренот знаела да продефилира публика и од неверојатни 70 илјади луѓе, што е апсолутен показател за популарноста на турнирот помеѓу жителите на Карпош и Скопје.

Покрај сениорските екипи, на „Сокол“ редовно се пријавуваа и јуниорски тимови, составени од деца помлади од 12 години, кои своите први настапи на отворена сцена ги доживуваа токму на овој турнир.

Секако дека повторното заживување на „Сокол“ ќе им биде од големо значење на локалните жители, а моделот на неговата организација може да биде употребен како урнек за воспоставување на слични турнири низ другите општини во Скопје и Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот