Со клуч на собраниската врата, кој ќе ја контролира власта!?

Скопје, 26 август 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Спротивставувањето на ВМРО-ДПМНЕ Собранието да премине на он лајн работа е политичко, а не од здравствен или пак, технички карактер, сметаат експертите кои ги консултираше Слободен печат. Предупредуваат дека во време на криза, најважно е Собранието да не биде „затворено“, особено не во кризни ситуациии како оваа предизвикана од коронавирусот, бидејќи потребна е контрола на власта.

Според Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка, во моментов многу е лесно Собранието да се блокира, бидејќи народните избраници не се имуни на коронавирусот, има тенко парламентарно мнозинство и поради намерата на ВМРО-ДПМНЕ да го спречи собранието да функционира он лајн.

– Повикувајќи се на Уставот и собранискиот Деловник ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја блокира работата на Собранието. Сметам дека опозицијата погрешно го толкува Уставот, бидејќи тоа што не е забрането со Устав, значи дека е дозволено. Никаде не пишува дека Собранието без присуство на пратениците не смее да работи, ниту пак, дека он лајн Собрание не може да има. Очигледно дека состојбата со тенкото мнозинство, кое се ситни со заболување на пратеници од коронавирусот, опозицијата го користи како механизм за политичка борба, оправдувајќи ја со Уставот, вели Кржаловски.

Влора Речица од Институтот за демократија смета дека Собранието треба да биде дигитализирано и да работи он лајн поради повеќе причини.

Државата во кризни моменти не смее да остане без законодавно и надзорно тело. Во изминативе неколку месеци кога Собранието не функционираше видовме дека пости ризик кога државата останува без контролно тело. Поради сето ова треба да се најде начин Собранието да функционира он лајн, а тоа значи непречено да течат и дискусиите и гласањето. Во денешно време кога технологијата е многу напредна, од ниту една причина не треба да се загрозува, ниту здравјето на народните избраници ниту пак здравјето на собраниските службенци, вели Речица.

Кржаловски предупредува дека засега власта е ставена во тесно бидејќи очигледно е дека Уставот не може да се смени, и дека за измени во Деловникот потребен е консензус. Тој смета дека на некој начин ВМРО-ДПМНЕ на ова гледа како можност да биде вклучена во решавање на битни прашања.

Сите парламенти заседаваат он лајн. Шпанскиот парламент дури донесе он лајн одлука за прием на Македонија во НАТО. За време на пандемијата од Ковид 19, европски тренд парламентите да функцонраат електронски. Не гледам причина зошто и македонското собрание да не работи он лајн. Оваа ситуација е проблем на Владата на премиерот Зоран Заев, бидејќи во моментот се гледаат слабостите со 62 пратеници, а тие се дека парламентот тешко функционира. На крајот на краиштата со ваквиот раст на бројот на пратениците заболени од коронавирус, ако не се преземено нешто, Собранието ќе биде блокирано. Во моментов имаме ветување на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе бидат конструктивни во дебатата за буџетот, но ќе видиме што ќе се случува при гласањето кога ќе мора да има присутно мнозинство, вели Кржаловски.

Од Институот за демократија сметаат дека нема причина зошто македонското Собрание да не работи он лајн. Како пример го посочуваат собранието во Велика Британија кој по цели 700 години за првпат работи без порисутвото на пратениците.

-По цели 700 години, без ниту еден ден да биде затворено, собранието на Велика Британија сега е хибриден парламент, во кој повеќе од половината пратеници се вклучуваат он лајн. Така не трпат ниту дискусиите ниту гласањето. Очигледна е нивната култура на дебата. И кај нас, не треба да постои причина за кочење на префрлувањето на македонското собрание – на он лајн работа. Најважно е Собранието да не биде затворено особено не во кризни ситуациии како оваа предизвикана од коронавирусот, бидејќи ни треба контрола на власта, вели Речица.

Според Кржаловски ваквата ситуација ќе се надмине ако се изнајде способност за градење на консензус. Тој очекува во наредниот период да се зголеми поларизацијата во законодавниот дом.

Апелира до власта да научи како да ја вклучи опозицијата во собраниската работа. Речица пак вели дека причината за спротивставувањето на опозицијата на он лајн собрание е повеќе политичка, а не техничка и здравствена. Но смета дека овие одговори треба да ги дадат екои други институции.

Од коронавирусот веќе беа заболени неколу пратеници, а во моментов во работата собранието поради вирусот не можат да присутвуваат тројца пратеници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот