Нина Рудиќ во Сараево

Со изложбата „БруталСкоп“ фотографката Нина Рудиќ учествуваше на манифестацијата „Под мостот“ во Сараево

Фотографката Нина Рудиќ со изложбата „БруталСкоп“ и со фотографска мапа со истиот наслов на 16 август учествуваше на групната изложба „Под мостот“, која се одржа во организација на ДКЦ (Друштвени културни центар) во Сараево. Манифестацијата се одржува веќе 10 години, а годинава на истата учествуваа 15 излагачи од целиот Балкан.

Нина Рудиќ е визуелна уметница, графички дизајнер, преведувач и професионален фотограф од Скопје, со повеќе од 15 години искуство во креативната индустрија. Родена во 1985 година, таа е дипломиран професор по англиски јазик и книжевност, со дополнителна диплома по графички дизајн од „Семос Едукација“.

Во својата професионална кариера, Нина има соработувано со бројни дизајн студија и издавачки куќи, а од 2014 година работи како фриленс графички дизајнер и преведувач. Таа има преведено над 20 книжевни дела од англиски на македонски јазик, меѓу кои се наоѓаат класици и современи бестселери. Последниве пет години, активно се занимава и со професионална фотографија и е сопственичка на свое фото-студио, каде што создава визуелни приказни инспирирани од урбаната средина, архитектурата и човечката емоција.

Изложбата „БруталСкоп“ е нејзин личен и уметнички омаж на брутализмот во Скопје – архитектонски стил кој, иако често погрешно сфатен како груб, студен и нападен, носи во себе една длабока човечка приказна. За младата генерација архитекти, тој претставува симбол на оптимизам, светлина и слобода на израз – особено во поствоениот свет, каде што се создава како одговор на потребата за нов почеток.

Хидрометеоролошки завод – Скопје

Во поново време, терминот „брутализам“ се користи за да се опишат објекти од крајот на 20 век – масивни, непопуларни, но искрени. Архитектите го ценеле токму тоа: скулптуралноста, директноста и анти-буржоазиската природа на стилот, кој не се обидува да се допадне, туку да биде вистински.

Во Македонија, особено по земјотресот во Скопје во 1963 година, кога 80 проценти од градот бил срушен, започнува нова архитектонска ера. Под водство на архитектот Кензо Танге Скопје добива нов лик – модерен, храбар, исполнет со бруталистички објекти кои и денес сведочат за тој период на обнова и визија.

Скопје, град со антички корени, денес е препознатлив по својата архитектонска палета: остатоци од Отоманската империја, модерни згради кои се престоруваат дека се стари, и ремек-дела од бетон – сите сместени во неговото урбано срце.

УКИМ – Скопје

За Нина, оваа архитектура не е само стил – таа е дел од нејзиното детство. Секоја бетонска фасада, секој агол и сенка ја потсетуваат на моменти од растењето, на прошетки со семејството, на секојдневието кое се одвивало меѓу овие монументални структури. Емотивно е врзана за нив, затоа што тие не се само градби – тие се сведоци на нејзината лична историја.

– „БруталСкоп“ е обид да се прикаже брутализмот не само како архитектонски правец, туку како културна и емотивна меморија. Да го видиме не само со очи, туку и со срце – истакнува Нина Рудиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот