Со денови чади депонијата кај Арачиново – надлежните засега само ветуваат решение
Депонијата во скопското село Арачиново е запалена и чади со денови, а жителите се гушат во ужасната миризба од густиот чад. Тие стравуваат и за здравјето, објави „Телма“.
Препорачано
Пред влезот во депонијата има рампа и камери, а внатре десетици кучиња. Внатре низ депонијата се движеше и еден човек. Непријатна миризба, чад и инсекти. Жителите за овој проблем не сакале да зборуваат пред камерата на телевизијата, но сепак гласно коментирале дека воздухот е постојано загаден од депонијата која гори и дека се исплашени за здравјето. Ги повикаа надлежните да делуваат.
Надлежните во општината Арачиново, нејзиното комунално претпријатие, но и на државно ниво, си ја префрлаат топката за проблемот и засега само ветуваат решение.
„Беа информирани пожарникарите кои интервенираа три до четири пати. Паралелно, екипите на ЈКП „Амбиенти“ – Арачиново работат на терен со механизација за отстранување и покривање на отпадот, со цел целосно да се спречи повторно ширење на чадот. Постојат сомнежи дека пожарот е предизвикан од несовесни лица кои намерно предизвикуваат штета. За случајот е информирана и Полициска станица Арачиново, од каде што редовно се вршат патроли во околината на депонијата“, изјави за „Телма“ Арменд Рамадан, директор на ЈКП „Амбиент“ – Арачиново.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека одржале состанок и договориле во иднина да има служба за 24-часовно дежурство, бидејќи има зачестено потпалување на депонијата.
„По пријавите за пожар на депонијата кај Арачиново, Центарот за управување со кризи одржа координативен состанок со градоначалникот на Општина Арачиново, претставници на надлежните јавни претпријатија и полициската станица. На состанокот беше разгледан проблемот со зачестеното потпалување на депонијата, при што е договорено да се воспостави служба за 24-часовно дежурство“, информираат од Центарот за управување со кризи.
Во меѓувреме, депонијата продолжува да гори и да ги гуши луѓето од Арачиново, но и од околината.
Мицкоски најави нов рудник за антимон, а отровите од старото жариште уште не се исчистени


