Јан Херл/EPA

Снегот и ветерот ги прекинаа ски-скоковите, златото за Австрија

Австрискиот тандем Јан Херл и Штефан Ембахер ја потврди својата надмоќ и се закити со златниот медал во новата супертимска дисциплина во скијачки скокови на Зимските олимписки игри Милано-Кортина 2026, во натпреварување што заврши предвреме поради екстремните временски услови.

Силниот ветер и снегот ја принудија организацијата да ја прекине третата серија, па жирито одлучи да ги признае резултатите по две комплетни серии и вкупно четири скока. Во тие рамки, Австријците веќе беа недостижни, освојувајќи убедливи 568,7 поени и влегувајќи во историјата како први олимписки шампиони во оваа нова дисциплина, која ги замени поранешните екипни скокови со четворица натпреварувачи.

Иако прекинот не ја доведе во прашање победата на фаворитите, голем профитери од ситуацијата беа Полјаците Павел Вонсек и Каспер Томашијак, кои стигнаа до сребрениот медал. Особено Вонсек имаше слаб настап во последната регуларна серија, по што медалот изгледаше далечен, но прекинот им одигра во прилог.

Бронзата замина во Норвешка, благодарение на Јохан Андре Форфанг и Кристофер Ерикесен Сундал, кои ја оставија Германија веднаш зад себе на четвртото место.

Големо разочарување доживеа словенечкиот двоец Анже Ланишек и Домен Прец, кои завршија само петти и останаа без медал, иако важeа за едни од фаворитите. Јапонците се пласираа на шестата позиција, Швајцарците беа седми, а Американците осми.

Со овој натпревар официјално беше спуштена завесата на скијачките скокови во машка конкуренција на Олимпијадата во Милано и Кортина, а Австрија уште еднаш покажа зошто важи за светска сила во овој спорт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот