ЕСМ топлинска енергија/Фото: Слободен печат

Сметките за парно уште ги нема, скопјани загрижени да не треба да платат две одеднаш

Фактурите за испорачана топлинска енергија ќе стигнат со задоцнување само овој месец, тврдат од ЕСМ Снабдување, додека се воспостави системот, а потоа ќе се испраќаат редовно, а за начините на плаќање граѓаните дополнително ќе бидат информирани

Се ближи крајот на ноември, а граѓаните што се греат на парно сѐ уште не ги добиле сметките за октомври. Од ЕСМ Снабдување тврдат дека  сметките ќе стигнат со задоцнување само овој месец, додека се воспостави системот, а потоа ќе се испраќаат редовно.

Сепак скопјани, кои во периодот додека снабдувањето со топлинска енергија го вршеше  БЕГ сметките ги добиваа на крајот од тековниот месец, сега се вознемирени дека со ваквото доцнење и потоа воспоставувањето на редовна испорака на фактурите, одеднаш ќе им дојдат за плаќање две сметки што претставува големо оптоварување на домашниот буџет.

На социјалните мрежи тие споделуваат што дознале при индивидуални јавувања во ЕСМ, а тоа е единствено дека сметките ќе доцнат, но не и дали во нив и понатаму ќе бидат пресметани и субвенциите што ги дава државата.

– Се јавив да прашам што се случува со сметките за октомври и ми рекоа дека уште не ги испорачувале, ќе доцнеле. Кога ќе ги пратат, не кажуваат, ни дали ќе има субвенции од државата и понатаму, ниту дали доколку одеднаш ни дојдат две сметки за плаќање, ќе мора одеднаш да ги платиме – е еден од многубројните коментари на социјалните мрежи.

Од ЕСМ велат дека граѓаните не треба да се грижат затоа што во фактурите што ќе им бидат доставени ќе биде пресметана субвенцијата од Владата.

Оттаму информираат дека интензивно се работи на подготовка на фактурите кои овој месец ќе стигнат со мало задоцнување, но не соопштуваат прецизно кога, иако се доцни веќе три недели. Доцнењето е поради потребните технички подготовки за нивната изработка, а граѓаните ќе имаат определен рок за плаќање. Истовремено со подготовката на фактурите се одвиваат и подготовки за префрлање на податоците на потрошувачите од БЕГ на ЕСМ Снабдување,  во законски определена процедура според Законот за заштита на личните податоци.

Скопјани се заинтересирани и околу начините на плаќање на фактурите, особено што БЕГ нудеше можност со регистрација на секој потрошувач на нивната веб-страница да ги плаќаат онлајн достасаните фактури и воедно да имаат увид во сите претходно платени сметки.

– Во врска со начините на плаќање на фактурите на ЕСМ Снабдување, јавноста дополнително ќе ја известиме за сите детали, но во овој момент би напоменале дека интензивно се подготвуваме потрошувачите да ги имаат сите можности што ги имале кај претходниот снабдувач, како услугата електронска фактура, услугата брзо плаќање и EPAY услугата. Потрошувачите што имаат склучено договор за наплата на фактурите за топлинска енергија преку траен налог, од матичната банка ќе добијат инструкции за постапување. Оние што плаќаат преку електронско банкарство, во зачуваните шаблони односно ПП-налози за плаќање ќе биде потребно да ја проверат и ако има потреба и да извршат промена на жиро-сметката од претходниот снабдувач, која ќе им биде доставена со фактурите – објаснуваат од компанијата.

Оттаму повторно потсетуваат дека секој потрошувач треба да склучи договор за снабдување со топлинска енергија заради регулирање на потрошувачкиот однос со снабдувачот, како што е регулирано со Правилата за снабдување со топлинска енергија.

Во следниот период, по доставување на фактурите, на потрошувачите што сѐ уште не потпишале договор, ќе им се достави образец на договорот на домашна адреса, по што тие ќе треба потпишан да го однесат на еден од трите пункта во Карпош, Центар или во Аеродром.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот