Сликарот Сергеј Андреевски ќе ги креира дизајните на плакатите за концертите на Националниот џез-оркестар
![](https://www.slobodenpecat.mk/wp-content/uploads/2025/01/Sergej-Andreevski-2025-01-web.jpg)
Интересна соработка за оваа година е договорена помеѓу сликарот Сергеј Андреевски и Националниот џез-оркестар. Имено, оваа година Сергеј Андреевски ќе ги креира дизајните на плакатите за концертите на Националниот џез-оркестар.
„Сликам како џез-музичар“ – ќе рече за себе Сергеј Андреевски – „Јас сум сликар кој често патува и сонува низ светот, вкрстувајќи ги четките и насочувајќи ги своите потези кон сонцето. Светот е моето ателје. Мојата творечка припадност е стилот на постекспресионизмот, а тоа е бесконечна слобода на изразувањето. Звукот е мојот партнер при создавањето. Особено џезот, оти јас кога сликам, импровизирам – не случајно велам дека сликам како џез-музичар“.
– Неговото творештво се движи во границите на постекспресионизмот, а импровизацијата и слободата на изразувањето се едни од главните одлики на џез-музиката, па вкрстувањето на нашите сродни сензибилитети веруваме дека неминовно ќе вроди со плод – истакнуваат од Националниот џез-оркестар.
![](https://www.slobodenpecat.mk/wp-content/uploads/2025/01/SergejA-JazzOrk-2025-01-web.jpg)
Сергеј Андреевски (1960, Скопје) е истакнат ликовен уметник со меѓународна кариера. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1985 година. Во текот на својата кариера, добитник е на повеќе стипендии за студиски престој во странство, меѓу кои може да се издвојат оние во Рим (1987/88 година), Нирнберг (1991), во Архус во Данска, Париз во Франција, Вилмингтон и Лексингтон во САД, во Јапонија, Истанбул во Турција, Кромарти во Шкотска, Александрија во Египет, во Тунис и други.
Андреевски има реализирано над 60 самостојни претставувања ширум светот, како и бројни изложби во земјава. Бил дел и од над 200 групни претставувања ширум светот. Добитник е на повеќе награди и признанија. Неговите дела се дел од поставките на државни институции, музеи и приватни колекционери ширум светот.
Сергеј Андреевски е основач на Меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „Арт поинт – Гумно“, со седиште во с. Слоештица, Демир Хисар, каде што е и куратор на Меѓународната уметничка резиденција и колонија, што успешно се реализира од 2003 година.