Скопје е вториот најбрзо растечки дигитален номадски центар: евтин, безбеден и гостопримлив

Фото: Pexels

Дигиталните номади се луѓе кои користат телекомуникациски технологии за да заработат и да живеат номадски живот. Овие индивидуи ги користат сите придобивки, работејќи од странски земји, кафулиња, библиотеки, па дури и возила за рекреација.

Благодарение на повеќе од 35 милиони дигитални номади, кои постојано ја менуваат својата локација на живеење и работење, туристичката индустрија и популарноста на местата кои претходно биле непознати за патниците е во постојан раст.

Скопје, Македонија / Фото: Pexels/Gorazd Nikoloski

Како што пишува американската веб-страница „Travel off path“, Балканот е регион, кој неодамна забележа огромен раст со туризмот и посетата на дигиталните номади. Земјите како што се Албанија, Србија, Црна Гора и Бугарија имаат добри причини, поради кои им се зголемува популарноста, кај овие работници од далечина.

Меѓу овие земји „Travel off path“, ја наведува и Македонија, како помалку позната земја која бележи огромен пораст на дигитални номади. Опишана како земја со многу уникатно и често оспорувано минато, се вели дека Македонија е една од најмалку посетуваните земји во Европа, и иако ужива во туристичката и дигиталната номадска посетеност, сепак на листата е далеку под другите европски земји.

Но, последните податоци споделени од „Номад лист“, откриваат дека Скопје е вториот најбрзо растечки дигитален номадски центар во последните пет години, со импресивен раст од 417 отсто на годишно ниво од 2018 година.

Скопје, Македонија / Фото: Pexels/Tamas Marton

Еве неколку причини зошто Скопје е одлично за дигиталните номади, кои „Travel off Path“ ги наведува:

Евтино

Едно за кое сите странци се согласуваат е дека Скопје е евтин град.Како една од најевтините земји во Европа за дигитални номади, Македонија е идеална за работниците од далечина, кои сакаат да заштедат многу пари. Во нашиот град се нудат поскапи, квалитетни апартмани со поглед на планина, но и станови со многу пристапни цени. Во просек, овде може да се најде сместување многу поевтино отколку на кое било место во Европа.

Безбедно и гостопримливо

Скопје изобилува со пријателски расположени локални жители, кои обично се многу среќни кога гледаат странците како уживаат во нивната земја. Градот е високо рангиран по безбедност во споредба со многу други европски градови. Се вели дека соло-патниците може безгрижно да се движат низ улиците на градот, дури и во ноќните часови. Се разбира, важат нормални мерки на претпазливост, и има области што треба да ги избегнуваат.

Добра инфраструктура и поврзаност

Иако, во Македонија сè уште не е воведена дигитална номадска виза, се очекува тоа да се регулира кон крајот на оваа година. Но, на жителите од многу земји, вклучувајќи ги САД и Обединетото Кралство, им е дозволено да престојуваат до три месеци без потреба од посебна виза. Скопје е поврзано со многу други градови во регионот преку автобуски линии, а аеродромот е добро опслужуван од нискобуџетни авиокомпании. Во однос на интернетот, Скопје е високо рангиран за брзината на интернетот кој се нуди, а сим-картичките се евтини и лесни за користење, што им овозможува на странците да останат поврзани.

Атрактивни знаменитости во близина на градот

Можеби Скопје не е место за љубителите на плажа, бидејќи не излегува на море, но има многу други знаменитости за посета и истражување. Популарен и забавен начин да поминете еден ден, без да одите предалеку од Скопје е прекрасниот кањон Матка, кој е одлично место за разладување во летниот период. Националниот парк „Маврово“, Тетово, селото Куклица и мегалитската опсерваторија Кокино се одлични места, за да се „избега“ од градот. За уживање во подолг одмор,  Охрид е секогаш вистинската локација. Како најстарото и едно од најдлабоките езера во Европа, Охридското Езеро не смее да се пропушти.

Македонија станува една од омилените локации за работење на дигиталните номади

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот