Синдикатот на Клинички: Не смее да се дозволи приватните болници „да откупуваат“ професионалци
Од Самостојниот синдикат на вработените во Клинички центар „Мајка Тереза“ велат дека секое кадровско распоредување на вработените мора да се темели на реални потреби, систематизација и долгорочна национална стратегија за развој.
Препорачано
-ССКЦ исто така ја потенцира потребата од заштита на јавниот здравствен систем. Не смее да се дозволи приватното здравство да го „откупува“ професионалниот здравствен кадар, со што се ослабува јавниот сектор, во кој државата значајно вложува преку образование и обука на кадарот. Преземањето на стручни лица од страна на приватните болници ја загрозува стабилноста и квалитетот на јавното здравство и создава непотребна криза во системот кој е од корист за сите граѓани. ССКЦ се залага за ефикасни мерки кои ќе спречат вакви злоупотреби, заштита на јавниот кадар и одржување на високите стандарди на здравствените услуги во јавните установи, се наведува во реакцијата на ССКЦ.
Оттаму велат дека земајќи предвид дека во програмата на Владата планирано е да ја реформира здравствената мрежа во Македонија и да ги обедини клиничките центри и регионалните болници, да ја модернизира инфраструктурата, да спојува различни здравствени установи и да создаде поефикасна и достапна здравствена мрежа, сметаат дека секое кадровско распоредување и реорганизација мора да се темели врз реални потреби, систематизации и долгорочна национална стратегија за развој на здравствениот систем, но откако ќе се направи интеграција на клиниките од кампусот „Мајка Тереза“ па согласно потребите и систематизираните места да се направат кадровско распоредување и реорганизација.
Од синдикатот изразуваат сериозна загриженост што со години неоправдано не се потпишува анекс-договорот за Заеднички служби при Клинички центар „Мајка Тереза“. Анексот според нив е од суштинско значење за подобрување на статусот, мотивацијата и правната сигурност на вработените.
-Пролонгирањето на потпишувањето се случува без конкретно образложение и без преземање институционална одговорност. Вработените во јавните здравствени установи континуирано укажуваат дека ваквото одлагање создава правна и економска несигурност, демотивација и нарушување на професионалната стабилност. ССКЦ нагласува дека токму овие вработени секојдневно обезбедуваат квалитетна и есенцијална поддршка и услуги за сите здравствени установи, често во отежнати услови. Затоа, тие заслужуваат навремено, фер и транспарентно постапување од надлежните институции“, велат од ССКЦ.
Оттаму ги повикуваат Министерството за здравство, Министерството за финансии и Генералниот секретаријат на Владата итно „да го деблокираат процесот и да дадат согласност за потпишување на анекс-договорот“.
Ова е неопходно со цел да се обезбеди статусна, правна и финансиска сигурност за сите вработени опфатени со овој процес. ССКЦ останува отворен за конструктивен дијалог и соработка, но нема да прифати понатамошно одложување или занемарување на законските права на вработените. Доколку институциите продолжат да ги игнорираат своите обврски, синдикатот ќе биде принуден да ги активира сите законски дозволени форми на синдикални активности. ССКЦ останува доследен на својата мисија да ги заштити правата, достоинството и професионалниот интегритет на сите вработени во здравствениот систем. Заедно, организирано и одговорно – ќе продолжиме да се бориме за достоинствени услови, стабилност и заслужено вреднување на трудот во здравството, велат од Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи-ССКЦ.


