Фото: Независен синдикат на професионалните војници

Војниците спијат во влага и нечистотија, условите се ужасни – алармира Синдикатот откако се појави шуга во касарна

Независниот синдикат на професионални војници реагира откако се појавија два случаја на шуга кај новопримени професионални војници во касарната „Алексо Демниевски-Бауман“ во Велес. Синдикатот алармира за условите за живот и работа во касарните низ државата, кои ги нарече „катастрофални“

Оттаму посочија дека случајот во само еден од ретките кои добиле медиумска покриеност, иако слични инциденти се случувале и порано, но останувале тајни.

„Професионалните војници имаат најлоши услови за работа, од нечиста постелнина, неисперена со години, од перници стари по 15-20 години, исто така и за ќебињата и чаршафите, со години стари и необновени. Просториите каде што спијат војниците се најчесто со влага, со многу инсекти по просториите, храната се дава во нехигиенски услови, со прибори стари над 20 години и нејзиниот квалитет е на најслабо ниво, храната е еднолична и недоволна, санитарните јазли се нереновирани и руинирани повеќе од 15-20 години. Професионалните војници многу често работат во услови кога немаат струја во објектите за да се загреат и техничка вода за да се одржува личната хигиена и хигиената на објектите, ваквите состојби траат со години“, се наведува во соопштението на Синдикатот.

Александар Насковски, претседател на синдикатот, вели дека военото раководство и сите министри за одбрана досега не покажале грижа за војниците, и покрај долгогодишните апели. Според него, се реновираат само просториите на офицерите, а не и објектите каде што живеат и престојуваат 24/7 професионалните војници.

„Со зголемениот буџет согласно барањата на НАТО, треба приоритет да бидат условите за работа и човечкиот фактор, а не само набавки на оружје. Залудно е да се инвестира во опрема ако нема кој да ја користи“, се наведува во соопштението.

Синдикатот го обвинува министерот за одбрана Владо Мисајловски за игнорантски однос, отсуство на социјален дијалог и непочитување на основните човекови права на припадниците на Армијата. Меѓу причините за растечкото незадоволство ги посочуваат и немањето покачување на платите три години поради правни измени, дискриминацијата и мобингот и масовниот одлив на војници. Синдикатот најавува дека во наредниот период ќе продолжи јавно да информира за состојбите во Армијата низ целата држава. АРМ и Министерството за одбрана претходно информираа дека двајца професионални војници од велешката касарна се зарезени со шуга. Заразените се дел од 296-темина нови професионални војници кои на 16 јануари положија заклетва.

Стручните лица на АРМ и Воено-медицинскиот центар (ВМЦ) презеле мерки согласно здравствените протоколи за спречување на евентуално ширење на заболувањето. Во касарната бил направен епидемиолошки надзор од страна на ВМЦ и се постапувало согласно препораките на стручните лица.

Зелено светло за набавка на воена опрема од САД – еве што ќе добие Армијата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот