Воена опрема/ Фото: МИА

Зелено светло за набавка на воена опрема од САД – еве што ќе добие Армијата

Комисијата за одбрана и безбедност на денешната седница даде зелено светло за набавка на опрема за Армијата, обезбедена како грант од владата на Соединетите Американски Држави. Комисијата едногласно усвои четири информации кои се однесуваат на потребата од склучување нов договор меѓу двете влади, како и амандмани на постојните договори.

Потребата од новата опрема и договорите ја образложи министерот за одбрана Владо Мисајловски, посочувајќи дека станува збор за комуникациско-информациски системи, вклучувајќи тип 1 радиоуреди, надградба на симулациската платформа во Центарот за симулации, набавка на комплет за контрола и наведување здружен оган, како и договор за изградба на податочен центар на резервна локација со цел обезбедување непрекинато функционирање на ГКИС на Министерството за одбрана и Армијата.

Министерот нагласи дека обврските произлегуваат од Пакетот на цели на способности од 2021 година, според кој армиските единици декларирани за НАТО мора да располагаат со безбедни и интероперативни тактички радиокомуникации за командување и контрола. Во таа насока, предвидена е набавка на 31 радиоуред и шест уреди за полнење со крипто-клучеви за опремување на лесната пешадиска баталјонска група.

Вкупната вредност на опремата што ќе ја добие Армијата изнесува над 10,4 милиони американски долари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот