Гордана Сиљановска Давкова и Реџеп Таип Ердоган / Фото: Кабинет на Претседателот на РСМ

Сиљановска се сретна со Ердоган во Истанбул, лично му изрази сочувство за масакрот во училиштето

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Истанбул се сретна со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган. На средбата, според кабинетот на Сиљановска, било констатирано дека македонско-турските односи се одликуваат со силно пријателство, доверба и континуирана меѓусебна поддршка.

Претседателката најпрво лично му изразила сочувство на претседателот Ердоган за жртвите во вчерашното пукање во училиште во Турција, посакувајќи побрзо закрепнување на настраданите. Турција секогаш била наш близок пријател и укажувала помош во најтешките моменти, како трагедијата во Кочани и се солидаризираме со турскиот народ, рече Сиљановска-Давкова.

На средбата со Ердоган, таа посочи дека преку своите институции и компании: од ТИКА, којашто имплементираше 1.320 проекти, до училиштата „Маариф“, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, „Туркиш ерлајнс“, „Халкбанк“, Турција е присутна во многу области на македонското општество.

Во потпишувањето на Заедничката политичка декларација за формирање Совет за соработка на високо ниво, претседателите препознаваат можност за подинамична и поструктурирана билатерална соработка, што ќе резултира со одржување на прва меѓувладина седница.

Сиљановска-Давкова ја поздрави турската дипломатска иницијатива – Балканска мировна платформа, оценувајќи ја како важен инструмент за јакнење на регионалниот дијалог и стабилност.

Таа се заблагодари за долгогодишната поддршка од Турција во модернизацијата на македонската Армија.

Обајцата се согласија дека постои простор за зголемување на трговската размена и инвестициите и во најавениот бизнис-форум во Турција препознаваат одлична можност за унапредување на економската соработка.

На средбата се разговараше за статусот на турската заедница во општествениот и политичкиот живот низ призма на правичната и соодветна застапеност, како и за функционирањето на дел од образовните институции.

Претседателите се уверени дека предизвиците со коишто се соочува турската заедница во нашата држава ќе бидат надминати.

Сиљановска-Давкова упати покана до претседателот Ердоган за официјална посета на земјата.

Претседателката престојува во Турција по повод учеството на 5. Дипломатски форум во Анталија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот