Сиљановска Давкова по повод 23 Октомври: Да го продолжиме револуционерниот пат со ум, знаење и реформи
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова упати честитка до граѓаните по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, со порака дека овој ден е потсетник на должноста да се продолжи револуционерниот дух на предците, не со оружје, туку со револуционерен ум, знаење и реформи.
Препорачано
„Ви го честитам 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, кога гордо се потсетуваме на грандиозната историска улога на македонската револуционерна организација, врз чиј дух и дело почива македонската државност“, истакна претседателката, додавајќи дека слободата и независноста не се подарени, туку извојувани од македонските револуционери.
Сиљановска Давкова нагласи дека празникот е прилика да се оддаде почит на хероите кои ги положиле своите животи за слободна, независна, но и социјална, солидарна и демократска Македонија.
„Нивните идеали беа сржта на најнапредните идеи од крајот на 19. век. Од нив извираат и врз нив се темелат европските вредности, вградени во документите на ЕУ“, истакна таа.
Претседателката порача дека граѓаните имаат обврска да го продолжат револуционерното дело преку чесност, одговорност и посветеност.
„Ние немаме друга татковина, освен нивната – онаа на македонските револуционери. Должни сме да ја сочуваме и да ја вградиме таму каде што ѝ припаѓа – во Европа“, додаде таа.


