Што прави денеска: Владимир Петровиќ, актер

владимир петровиќ
Владимир Петровиќ / Фото: Приватна архива / Стефан Рајхл

Владимир Петровиќ е актер кој плови во актерските води уште од најрана возраст. Иако можеби нема да го препознаете од прва, доколку сте ја гледале култната серија „Наше маало“ ќе се присетите на Мали –ликот со кој Петровиќ се прослави и продолжи да гради успешна кариера.

Владимир Петровиќ студирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје. По завршувањето на студиите почнал поактивно да работи на филмови и серии. Со своите улоги оставил белег во краткометражните филмови „Карма“, „Шекспирова 9/1“ и „Скара“. Толкувал бројни ликови во серии како „Инсајдер“, „Преспав“, „Фамилија Марковски“, како и ликови во театарски претстави како „Солун, град на духови“, „Лерин, полиња жито, ридишта крв“, „Црнила Ремикс“, „Време на забава“ и други.

владимир петровиќ
Владимир Петровиќ / Фото: Приватна архива

Владимир Петровиќ е дел и од последниот проект на режисерот Даријан Пејовски, психолошката драма „Мими“ – филм кој воедно е дел од годинашниот Кански филмски фестивал.

Помеѓу обврските Владимир успеа да најде време и да ни раскаже како отприлика изгледа еден негов ден. Па еве што ни откри тој.

„Се будам, пијам кафе и си ја заработувам дневницата во фирмата од која го вадам лебот, за потоа со полн стомак да можам да мислам и да се занимавам со уметноста.

Последниве денови заедно со моите  колеги се подготвуваме за гостувањето во Струмица со хипхоп мјузиклот „Црнила ремикс“ и разговараме за настапите кои ова лето кои нè очекуваат во Белград и Ниш.

владимир петровиќ
Владимир Петровиќ / Фото: Стефан Рајхл

Кога сум малку послободен одам на долги прошетки со моето куче, ја чепкам гитарата која еден другар ми вети дека ќе ја однесе на сервис, возам точак кој треба јас да го однесам на сервис, гледам да се хранам здраво. Секогаш се обидувам да најдам време за пиво и дружба со другарите и луѓето што ги сакам.

Навечер во последно време гледам документарци, сакам да го разлистувам патеписот на Евлија Челеби низ балканските земји и еден драмски текст кој ќе биде поставен на независната сцена оваа есен. Наскоро ќе почнеме со проби, и со нетрпение чекам да застанам на театарската сцена после подолга пауза“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот