Што прави денеска: Билјана Јаневска, мис и магистер по управување со отпад

Фото: Studio Rex Ohrid/Приватна архива/Олег Дементиенко

Познатата мис и манекенка Билјана Јаневска има богато образование зад себе, завршила средно училиште за медицинска сестра и средно училиште за физиотерапевтски техничар, таа е дипломиран инженер по менаџмент за еколошки ресурси и магистер по управување со отпад. Билјана може да се пофали и со богато модно портфолио, кое вклучува многубројни ангажмани од типот на ревии, реклами, насловни страници, а од минатата година и официјално ѝ е крунисано сето досегашно манекенско искуство и е прогласена за Мис модел туризам во светот. На престижниот избор, Билјана се закити со три титули за убавина.

Фото: Олег Дементиенко

Билјана веќе една година и два месеца работи во Јавното претпријатие „Депонија Дрисла“. Почнала како советник за подготовка и спроведување развојни проекти, а сега работи како референт за техничка документација во Одделението за техничко одржување и безбедност и здравје при работа.

Фото: Студио Рекс Охрид

Билјана овој пат ни долови како изгледа едно нејзино деноноќие…

– Денот ми започнува многу мирно, во принцип сум утрински човек. Го обожавам утрото и минутите одвоени само за себе. Сакам денот да ми почне со убава и позитивна енергија. Ме инспирираат луѓе што кога ќе прозборат, „мирисаат“ на добрина.

Како што велат: „Како зрачиш, така привлекуваш!“ Жива вистина.

Станувам во раните утрински часови, во 5:30 часот, но и рано легнувам. Затоа што сепак работам во с. Батинци и има пат од Козле до Дрисла.

Го обожавам првото утринско кафе. Го пијам на работа со колегите, некогаш и сама. Потоа започнува хаосот. Има денови кога ми се случува драма, буквално. Но, за среќа, добра сум за организација.

Фото: Стефан Самандов

По работа може да се случи и да ме повикаат од мојата матична политичка партија ЛДП на работен состанок, или, пак, да имам снимање во некоја емисија, што вклучува шминкање, фризура, па сѐ некако да ми е на трчање. Успевам секаде да стасам навреме. Ако не гостувам во некоја емисија, тогаш имам некоја ревија. Или, пак, едноставно имам мирен ден. Тогаш посетувам козметички салон каде што си посветувам време за себе (масажа, третман на лице, маникир, педикир). Сакам да инвестирам во себе, во својот изглед. Сакам да изгледам претставително и доминантно.

Фото: Вангел Тануровски

Иако решив да имам мирен период, затоа што изгубив многу драги личности во текот на изминативе година- две, и да ги ставам работите во мирување, едноставно сакав да бидам сама, затоа што сепак не е лесно да си јавна личност, но обврските и начинот на живот не ми го дозволуваат тоа. Не можам да кажам „не“ кога е во прашање нова ревија. За безмалку две недели повторно ми „никна“ нов ангажман. Тоа е нешто што не се одбива. Ќе биде гламурозно.

Фото: Драган Перковски

На крајот од денот, се опуштам со дружба со луѓе што ми значат. Имам прекрасни пријатели што ми даваат ветар во грб и ми се неизмерна поддршка. Некогаш и се лутат затоа што немам доволно време да одвојам за нив и дека ги запоставувам, но знам како да им надоместам. Едно од омилените нешта што ме опуштаат е читањето, главно, добра романтична книга.

А, тука е и мојата мајка, мојот најголем критичар што ме приземјува и љубовта што таа ми ја дава е нешто што ме исполнува и ме прави мамина принцеза. Секако, нели дури јас не впловам во брачните води, па да бидам и јас инспирација за своите деца и посветена сопруга.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот