Штета, македонските ракометарки не успеаја да обезбедат четвртфинале на СП

Македонија беше блиску, но Исланд не ни дозволи четвртфинале на СП/Фото: wchwu182022.com

Денеска во вториот решавачки натпревар од главната фаза на Светското кадетско првенство во Скопје, македонската женска репрезентација загуби од Исланд со 25:22.

После убедливата победа на Шведска во нашата група против Иран од 39:19, избраничките на селекторот Љубомир Савевски за пласман во четвртфиналето на Мундијалот мораа да бркаат реми или победа.

Бевме блиску до остварување на целта, но Исланѓанките кои веќе се промовираа како четвртфиналисти не ни го дозволија тоа и на крајот славеа триумф и ни се одмаздија за поразот лани во финалето на ЕХФ шампионатот.

Ниту еднаш на мечот не дојдовме до позитива во СЦ „Борис Трајковски“, ниту еднаш да израмниме, на почетокот од првото полувреме неколку пати бевме на „минус еден“ (1:0, 2:1, 3:2, 5:4).

Највисоката позитива на ривалот изнесуваше „плус шест“ (12:6), а до паузата успеавме да стопиме половина од негативата (13:10).

Во вториот дел исто така Исланд го контролираше резултатот, а ние повторно ги кревавме надежите само до минимална негатива (19:18, 20:19), но никако да направиме комплетен пресврт.

Последната шанса ја имавме при 24:22 кога не реализиравме пенал преку Ризоска, по што стигна казната на спротивната страна и сите дилеми беа решени.

Најефикасни во нашите редови беа Коцева со шест и Ризоска со четири погодоци. Македонија на Мундијалот ќе продолжи да игра за пласман од деветтото до 12 место.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот