Шкупи брка два гола негатива против Шамрок Роверс за европска есен

Фото: ФК Шкупи

Македонскиот фудбалски шампион Шкупи вечерва (21 часот) на Националната Арена „Тодор Проески“ против Шамрок Роверс ќе брка два гола негатива во реванш натпреварот од третото квалификациско коло за пласман во групната фаза во Лигата на Европа.

Првата средба што се играше минатиот четврток заврши со триумф од 3:1 на Шамрок, но фудбалерите на Шкупи можат да жалат бидејќи третиот гол го примија во последните секунди од натпреварот, во 97 минута.

Тренерот на Шкупи, Гоце Седлоски верува во своите фудбалери дека ќе успеат да ја анулираат негативата од два гола и ќе слават вечерва.

– Кога играш европски натпревари, мораш да си 100 отсто сконцентриран, не смееш да грешиш бидејќи грешките се казнуваат. Криво ни е што примивме такви голови, почнувајќи од Динамо, пред тоа Линколн, сега и Шамрок. Имам верба во играчите, доколку се поставиме како што игравме второ полувреме таму, мора да тргнеме од почеток. Нормално, мора да бидеме внимателни и во одбраната. Играме против еден доста квалитетен противник. Гледате сами дека ирските екипи одат во следната фаза. Утре ние ќе се обидеме, со помош на навивачите кои ги повикувам да ни дадат поддршка, да направиме резултат кој не носи понатаму – вели Седлоски.

Доколку Шкупи го елиминира во Шамрок Роверс, тогаш ќе испише историја и ќе стане втората македонска екипа по Вардар која играла во групната фаза во европските купови.

Доколку го победи ирскиот тим, Шкупи ќе игра во плеј-офот за пласман во Лигата на Европа, а доколку во него загуби тогаш настапите би ги продолжил директно во групите во Лигата на конференции, третото по квалитет европско натпреваување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот