Шеф Бранко Попоски ни носи три посни рецепти од Вевчани

Шеф Бранко Попоски од преубавото Вевчани, познат и како „Готвиме со Бранко“ („Cooking with Branko“), за читателите на „Слободен печат“ припреми три посни рецепти за мерак.

Ние веќе ги дегустиравме, вам ви е редот да уживате во овие неверојатни вкусови од вевчанската кујна.

Бранко Попоски

Бела торта со јаболко

Потребни состојки:

За долниот дел од тортата

  • 200гр.ореви
  • 50гр. бадеми, и 50гр. лешници
  • 100гр. кокосово масло

За кремот

  • 200гр. веганско маскарпоне
  • 2 рендани зелени јаболки
  • мала лажичка ванила екстракт
  • 3 големи лажици маџун
  • 50 гр. сецкани ореви

За глазурата

  • 200гр. бело посно чоколадо
  • 1 лажичка екстракт од ванила

Начин на подготовка
Сомелете ги оревите, бадемите и лешниците. Смесата истурете ја во садот каде што ќе ја формирате тортата и додадете 100гр. кокосово масло. Убаво промешајте да се натопи целата смеса. Потоа формирајте тенко тесто со тапкање со прстите на рацете, претходно потопени во кокосово масло. Во длабок сад додадете го веганското маскарпоне, ренданите зелени јаболки, екстрактот од ванила, маџунот и сецканите ореви.Матете со миксер се додека не се добие убава хомогена смеса. Кремот со сите состојки додадете го врз основата и оставете го во фрижидер 10 минути да се стегне. Растопете го чоколадото и истурете го врз кремот. Вратете го повторно во фрижидер да се стегне. Уживајте во ова слатко, посно и здраво задоволство.

Вевчански питули

Потребни состојки за подготовка на питулите

За смесата:

  • 1кг. брашно тип 400
  • 1 литар млака вода
  • 2 лажички сол
  • половина лажичка шеќер

Начин на подготовка

Во длабок сад додадете го брашното, солта и шеќерот и убаво промешајте. Потоа, додавајте ја водата постепено и мешате се додека не добиете смеса како за палачинки. Можете да мешате и со миксер за да не ви останат грутки.

Смесата треба да биде погуста, така да доколку нешто недостасува, можете да додадете брашно за поголема вистина, или пак вода за да ја намалите густината.

Смесата се пече на питуличарка или пак во поголема тава за палачинки подмачкано со масло после секоја испечена кора. Се пече околу 2 минути од едната, па се врти потоа на другата страна. Додека не се подготват сите питули, една по една се покриваат со сува крпа за да останат меки.

Смеса за питули:

  • 200гр. сецкани ореви
  • 500мл. вода
  • 30мл. маслиново масло
  • 5 чешниња лук (сецкани)

Смесата се подготвува во сад, каде се додаваат горенаведените состојки.

Потоа, во голема тепсија премачкан со масло, се става една по една питулица која треба да ја покрие цела тепсија, па се попрскува со смесата од лук и ореви. Оваа постапка се повторува се додека не се истрошат сите питули односно губи. Последната губа се премачкува со масло. Се остава да отстои околу 15 до 20 минути, па се пече на 180 до 200 степени околу 20 минути.

Посна пита со праз

Потребни состојки:

  • 600гр. бело брашно
  • ½ лажичка морска сол
  • ¼ квасец
  • ½ лажичка шеќер
  • 250мл. млака вода
  • 2-3 страка праз
  • по желба зачини сол. мешан сув зеленчук за празот
  • 100мл. маслиново масло

Во подлабок сад се мешаат сувите состојки, брашно, морската сол, квасец и шеќер. Се додава маслото и со млака вода се замесува средно меко тесто. Откако е тестото убаво замесено оставете го да стаса околу 30 минути до 1 час. Потоа се дели на осум дела, и со суколо се сучат 8 тенки губи. 5 од губите една по една се ставаат во округлата тепсија, претходно премачкани со маслиново масло.

На страна се пржи празот во маслиново масло и зачини околу  15 минути. Смесата од празот се става врз 5те губи и над смесата се додаваат преостанатите три тенки исучени губи.

Питата се пече на температура од 200 степени со постепено намалување околу 30 минути.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот