Општина Центар предлага училишни дворови и игралишта да им се издаваат на трговци и угостители, вели „Шанса за Центар“
„Училишта или трговски центри?“. Ова е прашањето што го поставува иницијативата „Шанса за Центар“, која вели дека, откако Комисија за образование на Советот на Општина Центар не ја прифатило одлуката за изнајмување на просторите на училиштата предложена од Општина Центар, сега овој предлог е на утрешната седница на Советот.
Препорачано
Според иницијативата, проблематично во предлогот е тоа што може да се даваат под наем и дворови на училиштата, скривници и игралишта, а дејностите за кои може да се изнајмуваат школските простори да бидат и производство, угостителство и трговија.
„И покрај тоа што граѓаните во повеќе наврати протестираа против досегашните иницијативи за издавање на школските игралишта кои меѓу другото се и единствените јавни спортски простори за заедниците со оваа предложена Одлука се отвора можност тоа да се прави и со школските дворови“, реагираат од иницијативата.
Училишниот одбор на „Димитар Миладинов“ не даде зелено светло за концесионер на игралиштето
Со предлог-одлуката меѓу другото, како што велат, исчезнува и механизмот со кој училиштето, Училишниот одбор и родителите можат да реагираат на лош квалитет на храна.
„Дополнително, предлогот е копиран од одлука која ја има донесено Град Скопје во 2023-та година, но која беше обжалена пред Уствавен суд и од страна на судот е поништена како НЕУСТАВНА. Со тоа и одлуката која ја опредлага Центар, а е скоро идентична на таа на Град Скопје, е НЕУСТАВНА. Општина Центар има и повеќе од доволно пари од безброј градежни дозволи кои ги издава за целосно одржување на училиштата и другите јавни установи под своја надлежност без да има никаква потреба да го раздава она малку преостанат јавен простор! Или работата е во нешто друго? Утре Советот треба финално да се произнесе доколку не биде повлечен предлогот во меѓувреме“, стои во реакцијата.


