Фото: ООУ „Димитар Миладинов“

Училишниот одбор на „Димитар Миладинов“ не даде зелено светло за концесионер на игралиштето

Игралиштето на основното училиште „Димитар Миладинов“ во општина Центар периодов стана жешка тема, откако неодамна се појави иницијатива да се даде под концесија, по што локалните жители возратија со петиција против закуп на еден од ретките простори за игра, рекреација и социјализација. Сега и Училишниот одбор се изјасни „против“, што значи дека засега нема да започне процес за избор концесионер.

Како што дознава „Слободен печат“, Училишниот одбор на „Димитар Миладинов“ заседавал пред неколку денови и притоа одлучил да не се објавува оглас за користење на надворешниот спортски терен.

Протоколот вели дека, откако ќе има иницијатор, во случајов училиштето, таа иницијатива треба да биде доставена и да помине низ Училишниот одбор, составен од тројца родители, тројца наставници и еден претставник од општината. Ако тие мнозински одлучат „за“, потоа иницијативата оди до општината, а по нивна согласност – на оглас од образовната институција. Огласот оди преку медиумите, пред да има евентуално јавно наддавање.

Досега нема такво нешто, за што потврдуваат и од училиштето.

„ООУ ‘Димитар Миладинов’ располага со спортски терен кој не е даден на користење и во таква состојба е со години. Станува збор за спортски терен кој е во предниот дел од дворот. Училиштето постапува по одлука за давање на користење на училишен простор на Советот на Општина Центар од 2022 година. Согласно истата како критериуми се наведуваат придонес за развој на спортот на локално и на државно ниво, натпреварувачки успеси во лига-центар, работа со млади категории (…) Училишниот одбор нема донесено одлука за издавање на спортскиот терен“, ни одговорија од „Димитар Миладинов“.

Прашани за случајот, општинарите исто така се повикуваат на Одлуката од 2022, а истовремено се изземаат како одлучувачки фактор.

„Општина Центар е основач на основните училишта на нејзината територија, но сите училишта, вклучително и ООУ ‘Димитар Миладинов’, се правни субјекти со самостојно раководење“, ни одговорија од Центар.

Запознаените со процесот, за нашиот медиум посочуваат дека се стигнати пораките од локалното население и родителите на учениците, кои притоа ја поддржуваат и петицијата против концесија. Отпорот од локалците и понатаму трае, а ова го карактеризираат како привремен „стоп“ за закуп на игралиштето, бидејќи процесот пак може да се отвори во иднина.

Центарци преку петиција бараат да не се дава под концесија игралиштето на училиштето „Димитар Миладинов“

Петицијата ја поддржаа и од Шанса за за Центар.

„Предното фудбалско/ракометарско игралиште во ООУ ‘Димитар Миладинов’ е единствениот поголем спортски терен на кој децата, младите и сите граѓани може да спортуваат на целиот простор од Даре Џамбаз па сè до Беко и до Мавровка. И сега постои притисок и тоа да се даде на приватен концесионер како и другите два вакви терени во училиштето. Истовремено, во радиус од 500 метри од училиштето нема ниеден друг ваков јавен спортски терен, но затоа има 9 казина и обложувалници“, забележаа од Шанса за Центар.

Истовремено рекоа дека децата, младите и сите граѓани мора да имаат бесплатен јавен простор за рекреација.

„Општината не е деловен простор“, реагираа од иницијативата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот