Фото: Принтскрин од петицијата на change.org

Центарци преку петиција бараат да не се дава под концесија игралиштето на училиштето „Димитар Миладинов“

Преку онлајн петиција иницирана од Гоце Богдановски, поддржана од повеќе жители од скопската општина Центар, граѓани се потпишуваат за зачувување на игралиште на основното училиште „Димитар Миладинов“.

„Ние, долупотпишаните жители и родители од околината, со оваа петиција сакаме да изразиме сериозна загриженост и противење на најавената намера за одземање на училишното игралиште и негово давање под концесија“, се вели во петицијата.

Според петицијата објавена на платформата change.org, игралиштето со години претставува единствен безбеден и достапен простор за игра, рекреација и социјализација на децата од училиштето и од пошироката околина. Односно, како што пишува, секојдневно го користат голем број деца, за кои ова место има исклучително значење за нивниот физички и психосоцијален развој.

„Тука се остварени првите чекори на многу дечиња, првото самостојно пуштање со велосипед, ролери, фудбал, брканици, жмурки и многу други забавни и друштвени игри. Одземањето на игралиштето и негово комерцијализирање би значело директно нарушување на правото на децата на безбедна игра и здраво детство, како и намалување на јавниот простор кој ѝ припаѓа на заедницата“, се вели во петицијата.

Дополнително, граѓаните сметаат дека давањето на игралиштето под концесија би предизвикало и сериозни и секундарни проблеми за жителите и околината, како зголемено и неконтролирано паркирање, сообраќаен метеж и значително зголемена бучава.

Овие услови, како што е наведено, директно би го нарушиле квалитетот на живеење на околните жители како и безбедноста на децата.

„Сметаме дека јавниот интерес и благосостојбата на децата како и мирот и безбедноста на локалното население треба да имаат предност пред било какви концесионерски или комерцијални интереси. Поради тоа, бараме постојаното училишно игралиште да не се дава под концесија. Се надеваме дека ќе ја разгледате нашата иницијатива со должно внимание и ќе донесете одлука во интерес на децата и заедницата“, пишува во петицијата.

Шанса за Центар и нејзините советници во Центар соопштија дека ја поддржуваат и се приклучуваат кон иницијативата на револтираните граѓани, кои, како што велат, се противат на приватизацијата на последното спортско игралиште во ООУ „Димитар Миладинов“.

„Предното фудбалско/ракометарско игралиште во ООУ Димитар Миладинов е единствениот поголем спортски терен на кој децата, младите и сите граѓани може да спортуваат на целиот простор од Даре Џамбаз па сѐ до Беко и до Мавровка. И сега постои притисок и тоа да се даде на приватен концесионер како и другите два вакви терени во училиштето. Истовремено, во радиус од 500 метри од училиштето нема ниеден друг ваков јавен спортски терен, но затоа има 9 казина и кладилници“, соопштуваат од Шанса за Центар.

Оттаму прашуваат „на што ги учиме децата“ и „што е нормалното во нашето општество, да спортуваш или да се коцкаш?“.

„Шанса за Центар“ изброи скоро 60 коцкарници и обложувалници: Центар е казино-општина

„Децата, младите и сите граѓани мора да имаат бесплатен јавен простор за рекреација. Општината не е деловен простор!“, стои во соопштението на иницијативата.

Околу случајот, контактиравме со општина Центар и чекаме писмени одговори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот